Студија: Нивото на Преспанското Езеро ќе падне под критичното ниво без итни климатски мерки

Македонски научници пресметаа дека при продолжување на високите климатски емисии, по 2070 година Преспа може да остане речиси без вода за земјоделците и домаќинствата.
Драматично повлекување на водата во Преспанското Езеро, октомври 2025 – фотографија од @prespa_sos
фото: Ole Gold

Преспанското Езеро и потребниот испуст на Охридското Езеро по 2070 година можат да паднат под критичниот минимум доколку светот остане на патеката на високи климатски емисии, покажува новата научна студија на истражувачи од Скопје. Во најпесимистичкото сценарио за периодот од 2081 до 2100 година, достапната вода за земјоделството во Преспанскиот Регион се намалува за повеќе од 99 отсто, а производството на струја од хидроцентралите паѓа на половина.

Истражувањето со наслов „Зајакнување на отпорноста кон недостигот на вода предизвикан од климатските промени преку интегриран пристап“ е објавено на 26 ноември 2026 година во меѓународното научно списание „Фронтиерс ин енвајронментал економикс“ (Frontiers in Environmental Economics). Автори на трудот се Дијана Ликар од Институтот за истражување во животната средина, градежништвото и енергетиката (IECE) во Скопје, заедно со Игор Николоски и Александар Бозинов од Градежен институт Македонија (CEIM).

Тимот ги споредил историските хидролошки податоци од 1981 до 2020 година со климатските проекции до 2100 година преку две спротивставени сценарија. Првото (SSP1-2.6) предвидува одржлив развој и строго ограничување на глобалното затоплување, додека второто (SSP3-7.0) ги моделира последиците од неконтролирани емисии и висок притисок врз природните ресурси.

Во одржливото сценарио, нивото на Преспанското Езеро останува релативно стабилно до крајот на векот и се движи околу 839,2 метри надморска височина. Спротивно на тоа, при сценариото со високи емисии, по 2070 година нивото на Преспа и потребниот испуст на Охридското Езеро паѓаат под критичниот минимум.

Ваквиот пад директно ги погодува земјоделците, жителите и енергетскиот систем. Според пресметките во студијата за периодот од 2081 до 2100 година, достапната вода за земјоделството во Преспа од околу 28,08 милиони кубни метри паѓа на 18,08 милиони кубни метри во одржливото сценарио, но при високите емисии се сведува на едвај 0,18 милиони кубни метри. Кај домаќинствата, достапните количини се намалуваат од 10,53 милиони кубни метри на 5,96 милиони во одржливото сценарио, односно на само 0,06 милиони кубни метри во најлошата варијанта.

Намалениот доток и падот на испустот од Охридското Езеро сериозно се одразуваат и врз производството на електрична енергија по текот на Црн Дрим. Од просечните 351,54 гигават-часови (GWh) годишно, производството на хидроенергија се намалува на 327,63 GWh во одржливото сценарио, а паѓа на 168,24 GWh при сценариото со високи емисии.

Истражувањето е изработено во рамките на европскиот проект ARSINOE, финансиран преку програмата Хоризонт 2020, каде што системот на Охридското и Преспанското Езеро е обработен како посебна студија на случај. За ублажување на последиците, авторите ги рангирале мерките за адаптација според нивниот приоритет, при што највисок приоритет добива систематскиот мониторинг на водите (0,25), по што следува обновата на екосистемите (0,21).

Алармантните проекции се надоврзуваат на веќе нарушената состојба на терен. Според податоците на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и анализата на Орхидеја Тасевска од Хидробиолошкиот завод во Охрид, Преспанското Езеро од 1950-тите години до денес има изгубено повеќе од половина од својот волумен и речиси 10 метри од нивото на водата.


Повремените сезонски осцилации не ја менуваат долгорочната слика. Како што предупредуваат од Хидробиолошкиот завод, пролетното зголемување на нивото на водата во 2026 година е само привремен природен одговор на врнежите и не смее да се толкува како вистинско закрепнување на езерото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс