Студентите и официјално во изборната трка: РИК ја потврди листата со 250 кандидати

„Студентска листа – Студентите победуваат“ доби зелено светло од сите 19 присутни членови на РИК, а коалицијата „Народна Србија“ се повлече од изборите и најави поддршка за студентите

Студентското движење во Србија и официјално влегува во трката за предвремените парламентарни избори на 25 октомври, откако Републичката изборна комисија (РИК) ја прогласи изборната листа „Студентска листа – Студентите победуваат“ со 250 кандидати. Одлуката е донесена на седницата на РИК на 15 септември, а за неа гласале сите 19 присутни членови на комисијата.

Со тоа студентската група официјално станува учесник на изборите на кои ќе се избираат сите 250 пратеници во српскиот парламент.

69.099 потписи за студентската листа

Заедно со изборната листа биле поднесени 69.099 заверени потписи за поддршка. РИК утврдила дека документацијата ги исполнува законските услови, вклучително и условите за рамноправна застапеност на половите. Потписите биле собирани во текот на викендот на повеќе локации низ Србија. Во Белград, во понеделникот вечерта, илјадници граѓани се приклучија на маршот од Ректоратот до седиштето на РИК.

Според проценката на Архивата на јавни собири, околу 6.000 луѓе биле пред зградата на Ректоратот во 17:50 часот, додека околу 8.700 лица биле во колоната што се движела кон РИК.

„Народна Србија“ ја повлече својата листа

Во исто време, на српската опозициска сцена се случи значаен пресврт. Коалицијата „Народна Србија“, составена од Народното движење на Србија, Еколошкото востание и Новото лице на Србија, одлучи да ја повлече својата изборна листа и да ја поддржи студентската. Одлуката уследи откако Новото лице на Србија најави дека ќе ја напушти коалицијата и предложи партнерите да се откажат од учеството на изборите во корист на студентската листа. Потоа и Еколошкото востание соопшти дека нема да учествува на изборите.

Лидерот на Народното движење на Србија, Мирослав Алексиќ, повлекувањето го објасни со потребата да се создаде, како што ја нарече, „референдумска атмосфера“.

„За да го постигнеме тоа, мора да направиме одредени отстапки“, изјави Алексиќ, пренесе Н1.

Студентите веќе ја започнаа кампањата

Студентската листа ја започна кампањата во Нови Сад, каде што на првиот предизборен собир беа претставени и дел од кандидатите. Листата е составена од 250 кандидати, колку што има пратенички места во Народното собрание на Србија. На листата, според досегашните информации, има претставници од различни професии, меѓу кои професори, политиколози, актери и претставници на синдикати.

Предвремените парламентарни избори во Србија се закажани за 25 октомври. Студентското движење, кое повеќе од една година организира протести и бараше предвремени избори, сега за првпат ќе настапи со сопствена изборна листа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс