Под мотото „Каде што живее поезијата“, од 24 до 29 јуни во Струга ќе се одржи јубилејното 65-то издание на Струшките вечери на поезијата, најпрестижната поетска манифестација во Македонија и пошироко.
Покровител на фестивалот е претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, додека манифестацијата е финансирана како национална установа од Министерството за култура и туризам.
Традиционално, фестивалот ќе започне со симболично садење дрво и поетско читање во чест на добитничката на највисокото фестивалско признание „Златен венец“, холандската поетеса Анеке Брасинга, во Паркот на поезијата во Струга. Подоцна истиот ден ќе се одржи и прес-конференција со лауреатот.
Свеченото отворање на јубилејното издание е закажано за 20:30 часот во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, по што ќе следува меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.
Во рамки на фестивалот ќе биде отворена и изложбата „Цвеќе, поезија, мир“ на македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски – Цветин, со која се одбележуваат 40 години негово учество на Струшките вечери на поезијата.
Годинашното издание е подигнато на повисоко организациско ниво и ќе трае еден ден подолго од претходните години, враќајќи го форматот на професионален и меѓународно значаен фестивал на поезијата.