Националната установа Центар за култура „Антон Панов“ од Струмица донесе одлука да го бојкотира годинешното издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“. По добиената покана, матичниот театар соопшти дека одлуката е принципиелен одговор на долгогодишната маргинализација на ансамблот, падот на уметничките критериуми и отсуството на институционална транспарентност во раководењето со манифестацијата.
Фестивалот „Ристо Шишков“ произлезе токму од идејата и визијата на вработените во струмичкиот дом на културата, денешен НУЦК „Антон Панов“. Иако манифестацијата од основањето е неразделно поврзана со струмичкиот театар и се одржува во неговите простории, од установата посочуваат дека управувањето со текот на годините преминало под влијание на политизирани структури.
Според соопштението на театарот, струмичките театарски работници со години биле систематски маргинализирани, за на крај практично да бидат отстранети од манифестацијата што самите ја создадоа. Актерите истовремено предупредуваат и на континуиран пад на уметничките критериуми и квалитетот на фестивалската селекција.
Од НУЦК „Антон Панов“ јавно отвораат прашања за правната и институционалната поставеност на фестивалот, кој со години е врзан за исто лице и ист раководен концепт, без институционална ротација и отчетност. Театарот прашува кој и кога донел одлука манифестацијата да функционира како здружение на граѓани наместо како јавна институционална програма.
Дополнителен сомнеж буди и промената од 2017 година, откога градоначалникот на Општина Струмица повеќе не претседава со Советот на фестивалот. Според институцијата, токму таа позиција претходно служела како гаранција за јавен интерес и надзор.
Особено сериозен правен пропуст претставуваат податоците од Централниот регистар извадени во мај 2026 година. Во составот на органите на здружението кое раководи со фестивалот сè уште фигурира името на актерот Благој Стефановски, иако тој почина во декември 2020 година.
Струмичкиот театар подвлекува дека фестивалот не смее да биде ничија приватна сопственост. Како што наведуваат, манифестацијата им припаѓа на драмските уметници, на публиката и на Струмица, а одбраната на професионалните стандарди налага јасен прекин со досегашните практики.