Сликовницата „Штркот Гвин“ ги носи приказните инспирирани од Скопје

Новото издание на „Едука мак“ низ приказна за еден штрк го доближува Скопје, неговата култура и идејата дека домот е таму каде што ти е срцето.

Излезе од печат сликовницата „Штркот Гвин“ од авторката Марина Мијаковска, во издание на „Едука мак“ од Скопје. Станува збор за нова книга за деца што низ авантурите на штркот Гвин носи приказна инспирирана од Скопје, неговото културно наследство и чувството на припадност.

Сликовницата е наменета за деца од училишна возраст, но е замислена и како четиво што може да го привлече вниманието и на повозрасната публика. Во неа се испреплетуваат раскажување, дидактичка порака и едукативни содржини, со фокус на природата, градот и културните вредности.

Главниот лик, штркот Гвин, доаѓа од Трансилванија во Скопје како гостин, но приказната потоа добива поинаков тек и тој постепено станува домаќин. Преку неговото патување, читателите дознаваат повеќе за штрковите, нивниот живот, исхраната и преселбата, но и за препознатливите симболи на Скопје и за богатството на македонската култура.

Во книгата посебно место имаат Скопското Кале, Старата скопска чаршија, Камениот мост и плоштадот, како дел од обидот низ детска приказна да се афирмира културното наследство на градот. Пораката што ја носи сликовницата е дека домот не е само место, туку чувство на припадност, блискост и љубов.

Илустрациите во книгата ги изработи Игор Јовчевски, а сликовницата веќе е достапна во книгоиздателството „Едука мак“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни