Стриповите од 1990-тите денес не се само носталгија од детството, туку и мал културен пазар на сеќавања, колекционерство и поп-култура. Тоа беше декада во која стрипот од читателско задоволство прерасна во масовен феномен, а некои изданија станаа симболи на времето. Најголемиот бум се случи во раните 1990-ти, особено околу 1991–1993 година, кога стриповите се купуваа не само за читање, туку и како „инвестиција”, па пазарот почна да личи на берза.
Рекорди кои стојат до денес

X-Men #1 од 1991 година остана најпродаваното стрипско издание на сите времиња, со предрезервации кои надминаа 8,5 милиони примероци.
Успехот не бил случаен: серијата ги обедини плодниот писател Крис Клермонт со тогашната ѕвезда Џим Ли, a изданието имаше пет различни корици.
Но X-Men #1 не бил единствен случај. Само неколку месеци порано, во јуни 1990 година, Spider-Man #1 на Тод Мекфарлејн станал најпродаваното стрипско издание во тој момент, со 2,5 милиони примероци.
Меѓу другите бараните наслови биле и Superman #75 (Смртта на Супермен) од 1992, Spawn #1 на Image Comics, WildC.A.T.s #1, и New Mutants #98 — бројот во кој за прв пат се појавил Deadpool.
Раѓањето на Image Comics – револуција на создавачите

Зад рекордните продажби се крiele длабоки тензии. Во декември 1991 година, Тод Мекфарлејн, Роб Лајфелд и Џим Ли, тројцата најголеми уметници на Marvel, му соопштиле на издавачот дека политиките кон таленти се неправедни и дека заминуваат. На 1 февруари 1992 година, седум уметници официјално го основаа Image Comics, издавачка куќа во која создавачите го задржуваат авторското право врз сопствените ликови, нешто што дотогаш практично не постоело во американскиот стриповски свет.
Вториот наслов на Image, Spawn #1 на Мекфарлејн, дебитираше со тираж од 1,7 милиони примероци во мај 1992 година, а за кратко Image ги приближи пазарните удели на DC Comics.
Шпекулативниот меур и неговото пукање
Пазарот на стрипови почна да личи на берза. Шпекулантите купуваа и препродаваа примероци директно меѓу себе, а цените на некои варијантни изданија скокнаа на 15 до 20 долари, што беше впечатлив пораст во споредба со просечната цена од 1,75 долари во 1990 година.
Издавачите постојано објавуваа варијантни корици, холографски изданија и „лимитирани“ колекционерски серии со тиражи од по неколку милиони примероци. Магазинот Wizard дополнително ги поттикнуваше очекувањата со месечни листи на „најжешки“ стрипови и прогнози за нивните идни цени.
Шпекулативниот пазар достигна точка на заситеност во раните 1990-ти и конечно се урна во периодот меѓу 1993 и 1997 година. Многу тогаш популарни изданија, како X-Men #1 и Youngblood #1, денес може да се најдат по цена помала од еден долар. На врвот на бумот, во 1992 и 1993 година, во САД имало околу 10.000 продавници за стрипови, но голем дел од нив подоцна се затвориле. Marvel во 1996 година поднесе барање за стечај.
Deadpool: од $1 до $7,5 милиони

Совршен пример за тоа како лик од 1990-тите може повторно да го освои светот е токму Deadpool. Оригиналните примероци на New Mutants #98 долго останаа незабележани, но кога почнаа гласините за филм, цените „отидоа во вселената”. Денес примероци во лоша состојба чинат околу 100 долари, а CGC-оценет примерок во состојба 9.8 достигнува и преку 3.500 долари.
Во 2024 година, оригиналната уметничка обвивка на New Mutants #98 од Роб Лајфелд беше ставена на аукција преку Heritage Auctions со почетна цена од 7,5 милиони американски долари, што претставува потенцијален рекорд за стрипска оригинална уметност.
Пазарот денес: 1,9 милијарди долари
Интересот не исчезнал. Според ICv2, продажбата на стрипови и графички романи во 2024 година достигнала вкупно 1,935 милијарди долари, раст по годината на пад во 2023 година. Пазарот на периодични стрипски изданија достигна 460 милиони долари, што е највисоко ниво во последните 15 години.
Продажбата во продавниците за стрипови пораснала за 13,3 проценти во 2024, а 2025 се развива уште побрзо, со раст од 27 проценти во првите осум месеци споредено со истиот период година претходно.