Стрип Трип 2026: Скопје и МКЦ денес им припаѓаат на цртачите на стрип

Изложби, штандови, трибини и награди на четвртото издание на единствениот македонски стрип фестивал Стрип Трип. Скопје денес им припаѓа на цртачите.

Вчера Младинскиот културен центар во Скопје го отвори четвртото издание на меѓународниот фестивал „Стрип Трип” со отворање на изложбите во МКЦ Галерија и во киното „Фросина”, свечено отворање и доделување на наградата „Македонско стрип наследство” на Никола Гелевски. Фоајето, галеријата, киното и платото се претворија во едно живо, шарено, цртано место. Денес МКЦ е центарот на стрип сцената.

Штандови, рецензии и миризба на стар стрип

Уште пред да влезеш во МКЦ, знаеш дека денес е поинаков ден. На штандовите надвор и внатре се наредени стрипови, графички романи, илустрации и плакати. Бункер, Макстрипови, Стрип Квадрат, Арс Ламина, Темплум, Флип Бук Букс, Артконект, Гаврош, Катран Комикс и други издавачи и продавачи ги наредиле своите наслови пред публика која знае точно што бара, но и секогаш наоѓа нешто неочекувано.

Луѓето листаат, читаат, прашуваат, купуваат. Постари колекционери разговараат со тинејџери кои прв пат го држат графичкиот роман во рака. Тоа е она што фестивалот го прави поинаков од продавница: тука стрипот е повод за разговор.

Никола Гелевски ја доби наградата „Македонско стрип наследство”

На свеченото отворање, наградата „Македонско стрип наследство” му беше доделена на Никола Гелевски, главниот уредник на издавачката куќа Бункер и еден од клучните луѓе зад развојот на стрип-издаштвото во Македонија. Наградата е признание за долгогодишна посветеност на деветтата уметност во земја каде стрипот сè уште се бори за институционално место.

Главен гостин на „Стрип Трип” 2026 е Бобан Пешов, роден во Македонија во 1988 година, кој во 1996 се преселил во Италија. Во 2025 година го објавил својот прв самостоен графички роман „Беше еднаш на Истокот”, чиј прв тираж бил распродаден по само неколку месеци, а делото добило бројни номинации за награди на најпрестижните италијански стрип-фестивали, вклучувајќи ја наградата „Gran Guinigi” на Лука Комикс, вториот најголем фестивал за стрипови во светот. Пешов го промовираше романот денес во МКЦ, а неговото присуство на фестивалот е симболично важно. Ова е приказна на македонски автор кој го освоил италијанскиот пазар, се враќа дома.

Изложби во галеријата и киното Фросина

Фестивалот си отвара вратите на изложбите во МКЦ Галерија и во киното „Фросина”. Двете простории нудат различно искуство: галеријата со поставката која го третира стрипот како ликовна уметност, а Фросина со поинтимна атмосфера на проецирани панели и авторски изложби. Во фоајето на МКЦ, посетителите можат да ги следат изложените оригинали, да разговараат со авторите и да го почувствуваат она што ретко се случува во Скопје, уметникот е достапен, прашувањата се добредојдени, а разговорот е дел од самиот настан.

Гејминг, моделарство и нови светови

Организаторите годинава ставиле акцент и на заедниците кои преку својата имагинација и креативност создаваат нови светови. Во клубот на МКЦ се претставуваат љубители на гејминг-културата, моделарството и друштвените игри, со многу дружби, турнири и интерактивни активности за посетителите. Тоа е свесна одлука на организаторите: стрипот не постои сам, тој е дел од поширока pop-културна заедница.

Четири години, четири изданија

„Стрип Трип” прерасна во клучна платформа за развој на стрип-културата во Македонија. Фестивалот ја рефлектира потребата од институционална поддршка за независната културна сцена. Четири години, четири изданија. Од мала берза на стрипови до меѓународен фестивал со гости од Италија, Германија, Хрватска, Србија и Косово. Тоа не е случајност, тоа е резултат на луѓе кои веруваат дека деветтата уметност заслужува своја сцена.

Фестивалот продолжува до 7 јуни. Влезот е бесплатен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс