Постапката за избор на македонски судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) повторно е вратена чекор назад. Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа оценил дека предложената кандидатка Ана Дангова Хуг не ги исполнува во целост критериумите за судија во Стразбур, по што македонската комисија предложила ново име, известува Телма.
Новиот кандидат е адвокатката Јелена Ристиќ, потврдил за Телма претседателот на Уставниот суд и претседател на комисијата за избор, Дарко Костадиновски. Одлуката Ристиќ да биде предложена била донесена едногласно на седницата на комисијата одржана на 20 август, откако Министерството за надворешни работи ја известило комисијата за забелешките на експертскиот панел на Советот на Европа.
Со ова, листата на кандидати по третпат се коригира во процесот што започна пред околу година и пол.
Трет кандидат што отпадна во долгата постапка
Изборот на нов македонски судија во ЕСЧП од самиот почеток е проследен со промени и одложувања. Првата комисија ги предложи судијката Габриела Гајдова, обвинителката Ленче Ристоска и адвокатот Јордан Апостолски. Владата, сепак, пред листата да биде испратена до Советот на Европа, ја поништи постапката со образложение дека кандидатите не ги исполнуваат условите.
Потоа беше формирана нова комисија, предводена од претседателот на Уставниот суд, во која членуваат и претседателите на Врховниот, Кривичниот и Граѓанскиот суд, како и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители.
Во ноември минатата година новата комисија ги предложи Јордан Апостолски, адвокатката Наташа Бошкова и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Сашо Георгиевски. Во мај годинава стигна нова промена. Апостолски беше заменет со Ана Дангова Хуг, која стана третопредложена кандидатка.
Сега и таа е заменета, откако експертскиот панел при Советот на Европа оценил дека не ги исполнува во целост критериумите.
Ристиќ е новото име
По добиеното известување, комисијата на 20 август одлучила на местото на Дангова да ја предложи адвокатката Јелена Ристиќ.
„Точно е дека премногу се оддолжи, не го очекував ниту јас ова“, изјави Костадиновски, додавајќи дека одложувањето е резултат на повеќе фактори, меѓу кои и динамиката на работа на експертскиот панел.
Според него, комисијата реагира веднаш кога ќе добие забелешки и предлага нов кандидат, но кога ќе се земе предвид времетраењето на работата на претходната и актуелната комисија, целата постапка трае предолго. Костадиновски очекува процесот овојпат да заврши со избор на судија. Тој посочи дека тоа би можело да се случи на октомвриската сесија на Советот на Европа или, доколку нема време за постапката, во јануари.
Јован Илиевски останува во Стразбур
Во меѓувреме, македонскиот судија во ЕСЧП Јован Илиевски, чиј мандат требаше да заврши на почетокот на годинава, останува на функцијата до изборот на негов наследник. Неизвесноста околу неговиот наследник трае веќе значителен период, а последната промена дополнително ја продолжува постапката.
Интересно е и тоа што јавноста овојпат не била официјално информирана за одлуката на комисијата. Телма дознала за промената од свои извори, додека комисијата, за разлика од претходните случаи, не објавила информација по седницата на 20 август. Костадиновски објаснува дека комисијата решила постапката да ја води подискретно, следејќи ги искуствата од други земји каде што експертскиот панел се соочувал со голем број претставки и забелешки за предложените кандидати.
Така, по година и пол, Македонија повторно има изменета листа и ново име во трката за место во Европскиот суд за човекови права. Сега останува Советот на Европа да оцени дали актуелните кандидати ги исполнуваат потребните услови и конечно да го избере македонскиот претставник во Стразбур.
Извор Телма