Страв од ВИ меур го потресе Волстрит: Nasdaq потона, инвеститорите сè погласно предупредуваат на „супербалон“

Азиските берзи ја завршија неделата во минус, а јужнокорејскиот индекс Kospi забележа пад од девет проценти, предизвикувајќи и привремен прекин на тргувањето.

Стравувањата дека ентузијазмот околу вештачката интелигенција прераснал во берзански балон предизвикаа силна распродажба на технолошките акции, при што индексот Nasdaq ја заврши неделата со пад од околу пет проценти.

Инвеститорите сè почесто го преиспитуваат оправданоста на огромните вложувања во компаниите поврзани со развојот на вештачката интелигенција, додека аналитичарите предупредуваат дека пазарот покажува сè повеќе знаци на прегревање.

Предупредувања за „супербалон“ во ВИ-секторот

Кинеската инвестициска компанија Wealspring Asset, чиј основач Јанг Донг е познат по тоа што го предвиде врвот на кинескиот берзански пазар во 2007 година, оцени дека глобалните акции поврзани со вештачката интелигенција станале „супербалон“ и дека неговото пукање можеби е блиску.

Слична оценка даде и Shanghai Banxia Investment Management Center, според која веќе се појавиле првите знаци што би можеле да предизвикаат корекција на пазарот. Како еден од ризиците се наведува забавувањето на исклучително брзиот раст на приходите на Anthropic.

Дополнителен удар за расположението на инвеститорите дојде од Јужна Кореја, каде што силниот пад на акциите на производителите на чипови се прелеа и на американските берзи.

Добри резултати, но инвеститорите остануваат претпазливи

И покрај негативното расположение, Micron Technology објави значително подобри финансиски резултати од очекувањата. Компанијата прикажа силен раст на приходите и добивката, по што нејзините акции во еден ден скокнаа за околу 15 проценти.

Во меѓувреме, Anthropic соопшти дека постигнал напредок во разговорите со американските власти околу користењето на своите модели за вештачка интелигенција. Американскиот министер за трговија Хауард Лутник изјави дека компанијата успешно соработувала со владата за намалување на безбедносните ризици и дека дел од моделите би можеле повторно да бидат достапни за одредени доверливи партнери.

Apple и Microsoft ги зголемуваат цените

Нов бран загриженост предизвика и одлуката на Apple да ги зголеми цените на компјутерите Mac и таблетите iPad. Аналитичарите сметаат дека повисоките цени на компонентите и огромните инвестиции во ВИ постепено се префрлаат врз крајните потрошувачи, што би можело да ја намали побарувачката во иднина.

По оваа најава, акциите на Apple паднаа за 6,1 процент – најголем еднодневен пад од април 2025 година. Негативниот тренд се пренесе и врз азиските добавувачи на компанијата, при што MediaTek загуби околу 10 проценти, а Hon Hai Precision Industry 3,7 проценти.

Истовремено, Microsoft најави ново поскапување на своите Xbox-конзоли, што дополнително ги засили стравувањата дека високите трошоци за развој на ВИ ќе продолжат да влијаат врз цените на потрошувачката електроника.

Пад и на азиските берзи и на златото

Азиските берзи ја завршија неделата во минус, а јужнокорејскиот индекс Kospi забележа пад од девет проценти, предизвикувајќи и привремен прекин на тргувањето.

Во меѓувреме, златото за првпат од ноември се спушти под 4.000 долари за унца, бидејќи посилниот американски долар и очекувањата за повисоки каматни стапки го намалија интересот за благородниот метал.

Иако дел од технолошките компании и понатаму прикажуваат силни финансиски резултати, сè поголем број аналитичари предупредуваат дека еуфоријата околу вештачката интелигенција почнува да наликува на класичен берзански меур, што ја зголемува неизвесноста на глобалните финансиски пазари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс