Македонскиот народен театар со претставата „Страв и надеж“ ќе учествува во официјалната селекција на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, еден од најзначајните театарски фестивали во земјава.
Претставата, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, ќе биде изведена на 10 јуни во Прилеп, во рамки на фестивалската програма која годинава се одржува под знакот на шест децении македонски театарски континуитет.
„Страв и надеж“ е современа сценска приказна за стравот, осаменоста, притисокот и неизвесноста на денешниот човек. Инспирирана од драмскиот свет на Франц Ксавер Крец, претставата го носи гледачот во свет во кој секојдневието е исполнето со егзистенцијална несигурност, војни, отуѓување и распаѓање на хуманистичките вредности.
Театар за човекот на работ меѓу стравот и надежта
Иако тематски кореспондира со Орвеловата „1984“, претставата не зборува за далечна дистопија, туку за денешнината. Ликовите се движат низ свет во кој цивилизацијата постојано балансира меѓу надежта и бездната, меѓу потребата за љубов и реалноста на притисокот, стравот и осаменоста.
Претставата е составена од петнаесет сцени, во кои ликовите се соочуваат со пресудни мигови од животот. Низ ситуации што се движат од хумор до длабока трагедија, „Страв и надеж“ отвора прашања за човековата ранливост, достоинството и можноста за опстанок во општество што сè почесто го турка поединецот кон внатрешни судири.
Учеството на МНТ во официјалната програма на „Војдан Чернодрински“ претставува значајно признание за претставата и потврда за нејзината актуелност, особено во време кога театарот повторно станува простор за разговор за стравовите што секојдневно ги живееме.
Силна актерска екипа на сцената
Во претставата настапуваат Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Лола Кукла, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.
Корепетитор и пијано е Зоран Станишиќ, музички координатор и виолина е Стефан Котевски, на кларинет е Никола Соколовски, а на кахон Милена Наумовска.
По фестивалското учество во Прилеп, „Страв и надеж“ повторно ќе биде изведена пред скопската публика на 17 јуни, со почеток во 20:00 часот, на сцената на Македонскиот народен театар.