Страст, љубов и трагичен расплет – „Кавалерија рустикана“ на сцената на Националната опера и балет на 11 септември

„Кавалерија рустикана“ е дело со кое Маскањи се вбројува меѓу композиторите кои го одбележаа развојот на италијанскиот оперски веризам

На 11 септември 2026 година, со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи – едно од најпознатите и највпечатливи дела на италијанскиот веризам.

Со својата силна музичка експресивност и драмска непосредност, „Кавалерија рустикана“ ја носи приказната за љубовта, љубомората, предавството и честа, претставени низ судбините на нејзините главни ликови. Маскањи создава музичка партитура исполнета со страст и драмски набој, во која оркестарот и вокалните интерпретации ја градат атмосферата и напнатоста што водат кон трагичниот расплет.

На сцената на Националната опера и балет, делото ќе биде изведено под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари од Италија. Сценограф е Зоран Николовски, костимограф Елена Дончева, концерт-мајстор Јане Бакевски, а хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во улогата на Сантуца ќе настапи нашата првенка, Весна Ѓиновска Илкова, Туриду ќе го толкува Зоран Сотиров, Алфио – Марјан Јованоски, Лола – Катерина Стојановска, а Мајка Лучија – Соња Пендовска Мадевска заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

Премиерно изведена во 1890 година, „Кавалерија рустикана“ е дело со кое Маскањи се вбројува меѓу композиторите кои го одбележаа развојот на италијанскиот оперски веризам. Нејзината музика, препознатлива по силниот драмски интензитет и непосредното пренесување на човечките емоции, и денес ја задржува својата привлечност и редовно се изведува на оперските сцени ширум светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс