Странецот“ на Ками под отворено небо: Книжевно-филмско загревање за „Браќа Манаки“

Настанот, кој го организираат Книжевниот клуб „UTOPIA“ и 3D Кино, е закажан за 16 септември во 19 часот и ќе се одржи под отворено небо

Три дена пред почетокот на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, во Битола ќе се одржи книжевно-филмска вечер посветена на „Странецот“ од Албер Ками и неговата нова филмска интерпретација во режија на Франсоа Озон.

Настанот, кој го организираат Книжевниот клуб „UTOPIA“ и 3D Кино, е закажан за 16 септември во 19 часот и ќе се одржи под отворено небо.

Публиката ќе има можност заеднички да го проследи филмот, а потоа да учествува во разговор за неговиот однос со романот објавен во 1942 година. Дискусијата ќе се движи околу Мерсо, апсурдот, осаменоста и отуѓувањето, но и околу прашањето што редовно се отвора при екранизацијата на големите книжевни дела: дали на филмското платно ја гледаме истата приказна што сме ја прочитале?

За учество не е неопходно посетителите претходно да го прочитале романот. Организаторите ги повикуваат и читателите што добро го познаваат делото на Ками и љубителите на филмот кои допрва сакаат да се запознаат со приказната.

Вечерта ќе ја води Јасмина Атанасова, а билетот ќе чини симболични 100 денари. Собраните средства ќе бидат наменети за логистичките потреби на 3D Кино Битола.

Настанот е замислен како прво заедничко книжевно-филмско дружење на „UTOPIA“ и 3D Кино, но и како неформално загревање за годинашното издание на „Браќа Манаки“, кое започнува на 19 септември.

е-Трн да боцка во твојот инбокс