Што јаде Кристијано Роналдо? Исхраната што го одржува во врвна форма и по 40-тата година

Кристијано Роналдо и во 41. година останува во врвна форма благодарение на строг режим на исхрана, редовни тренинзи и здрави животни навики.

ристијано Роналдо и во 41. година продолжува да игра на највисоко ниво, а покрај интензивните тренинзи, клучна улога во неговата физичка подготвеност има и строго контролираната исхрана. Португалската фудбалска ѕвезда со години се придржува до исти принципи – квалитетна храна, дисциплина и здрави животни навики.

Роналдо во повеќе наврати истакнал дека добриот тренинг мора да биде проследен со правилна исхрана. Неговото мени се состои од намирници богати со протеини, интегрални житарки, овошје и зеленчук, додека слатките и индустриски преработената храна речиси целосно ги избегнува.

Во неговата секојдневна исхрана најчесто се застапени пилешко месо, риба, јајца и немасни извори на протеини. За енергија консумира кафеав ориз, батат и интегрални тестенини, а здравите масти ги внесува преку маслиново масло, авокадо и јаткасти плодови. Во текот на денот пие многу вода и, по потреба, користи протеински и витамински додатоци.

За да одржи стабилно ниво на енергија, Роналдо јаде шест помали оброци распоредени на секои три до четири часа. Појадокот најчесто содржи јајца, јогурт со малку маснотии, сирење и шунка, додека ручекот и вечерата се базираат на пилешко, риба, салати и свеж зеленчук. Едно од неговите омилени јадења е традиционалниот португалски бакалар, кој често му го подготвува личниот готвач.

Фудбалерот не консумира газирани пијалаци, а алкохол не пие уште од 2005 година. Познат е и по својот став дека пијалаците богати со шеќер и адитиви можат негативно да влијаат врз закрепнувањето и спортските перформанси.

Комбинацијата од правилна исхрана, редовни тренинзи, доволно сон и доследна дисциплина му овозможува на Роналдо и понатаму да биде пример за врвна физичка подготвеност. Неговата кариера покажува дека долгорочниот успех не зависи само од талентот, туку и од секојдневните навики кои се одржуваат со години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс