Не е важна само бројката на термометарот: Што навистина значи топлотен бран?

Иста температура може да биде вообичаена за едно, а екстремна за друго подрачје. Метеоролозите ги земаат предвид локалната клима, времетраењето на жештината и ризикот за населението.

Европа веќе неколку дена е зафатена од исклучително топло и сушно време. Температурите во Шпанија надминаа 42 Целзиусови степени, додека во западниот дел од Балканот беа измерени повеќе од 41 степен. Според најавите, интензитетот на горештините допрва може да се засили.

Но, дали секое значително зголемување на температурата претставува топлотен бран?

Не постои една дефиниција за целиот свет

Во науката не постои универзална дефиниција за топлотен бран што може еднакво да се применува во сите делови на светот.

Наједноставно кажано, топлотен бран е подолг период со невообичаено високи температури. Што ќе се смета за „невообичаено високо“, сепак, зависи од местото, климатскиот просек и периодот од годината.

Поради тоа, иста температура измерена на две различни локации може да има сосема различно значење.

Температура од 33 степени, на пример, би претставувала големо отстапување од вообичаените вредности во северна Европа. Во потоплите климатски подрачја, истата температура може да биде сосема нормална.

Разлики може да постојат и во рамките на една држава. Температура што е екстремна за едно подрачје не мора да биде подеднакво невообичаена во друг регион.

Што проверуваат метеоролозите?

Метеоролошките служби користат различни критериуми за процена на екстремните горештини, приспособени на климатските карактеристики на конкретното подрачје.

При процената може да се земат предвид: отстапувањето од вообичаената температура за тоа место и период од годината; времетраењето на високите температури; интензитетот на горештината и можните последици и ризици за населението.

Тоа значи дека не е доволно само да се погледне бројката на термометарот. Важно е и колку таа температура е невообичаена за конкретната локација, колку долго трае и каква опасност претставува за здравјето на луѓето.

Топлотниот бран не мора подеднакво да ја зафати целата земја

Поради разликите во локалните климатски услови, топлотниот бран не мора со ист интензитет да ги погоди сите региони во една држава.

Во едно подрачје температурите може значително да отстапуваат од просекот, додека во друг дел од земјата истите вредности не би претставувале толку изразена аномалија.

Токму затоа предупредувањата се издаваат според очекуваниот интензитет и ризикот од појавата. Вообичаено се користат жолт, портокалов и црвен метеоаларм.

Затоа, кога ќе слушнеме дека е најавен топлотен бран, клучното прашање не е само колку степени ќе покаже термометарот. Поважно е колку тие температури се невообичаени, колку долго ќе траат и што можат да предизвикаат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс