Што да јадете, а што да избегнувате за време на големи горештини

Откријте кои намирници помагаат за хидратација и разладување на телото за време на топлотни бранови и што треба да избегнувате во екстремни горештини.

За време на топлотни бранови, високите температури и топлите ноќи можат негативно да влијаат врз сонот и општата состојба на организмот. Освен доволен внес на вода, важна улога има и храната што ја консумираме, бидејќи одредени намирници помагаат телото полесно да се разлади и да остане хидрирано.

Експертите советуваат внесот на течности да биде поголем во текот на денот, а да се намали непосредно пред спиење за да се избегнат чести будења во текот на ноќта. Во такви услови се препорачува консумирање храна богата со вода, како краставици, лубеница и целер. Овие намирници содржат околу 95 проценти вода и помагаат организмот полесно да ја одржи потребната хидратација.

Лубеницата е особено освежителна во лето бидејќи покрај вода содржи и природни шеќери и минерали кои помагаат за побрзо закрепнување на телото по изложеност на високи температури. Краставиците и целерот, пак, се лесни за варење и придонесуваат за чувство на свежина без дополнително оптоварување на организмот.

Од друга страна, нутриционистите предупредуваат дека за време на екстремни горештини треба да се избегнува тешка и мрсна храна, премногу зачинети јадења и прекумерен внес на протеини. Таквата храна создава дополнителна топлина во телото и го отежнува варењето.

Алкохолот, кафето и црниот чај исто така треба да се консумираат умерено бидејќи можат да предизвикаат дехидратација. Иако ладните пијалаци и сладоледот даваат моментално чувство на разладување, експертите велат дека телото подоцна троши дополнителна енергија за нивна обработка, што може повторно да ја зголеми телесната температура.

Во денови со високи температури најдобар избор се лесни оброци, овошје и зеленчук богати со вода, како и доволен внес на течности за организмот полесно да ја одржи рамнотежата и свежината.

е-Трн да боцка во твојот инбокс