Научнофантастичната серија „Стар Трек“, дело на Џин Роденбери, доживеа телевизиска премиера на 8 септември 1966 година на американската мрежа НБЦ, со епизодата „Мен Трап“. Патот до екранот не бил лесен: првиот снимен пилот бил отфрлен од мрежата, а продукцијата продолжила благодарение на упорноста на сопственичката на студиото Дезилу, Лусил Бол.

„Вагон-воз кон ѕвездите“
На 11 март 1964 година, Џин Роденбери го завршил првиот третман на идејата што подоцна прераснала во „Стар Трек“. Претходно пишувал сценарија за неколку популарни серии сместени на Дивиот Запад, искуство што директно се пренело во првобитната идеја, опишана како спој меѓу вестерн и вселенска авантура – „вагон-воз кон ѕвездите“. Токму оваа фраза речиси станала работен наслов на серијата.
Првиот снимен пилот, насловен „Кејџ“, бил завршен на 22 јануари 1965 година, со Џефри Хантер во улогата на капетан Кристофер Пајк. НБЦ го отфрлила како премногу интелектуален и премногу бавен за термин во најгледаното време, иако чинел 630.000 долари, огромна сума за тоа време. Материјалот сепак не бил фрлен во отпад: две години подоцна, снимените сцени биле вградени во дводелна епизода од првата сезона, како флешбек за ранетиот Пајк.

Редок втор обид и спас од откажување
Наместо целосно да се откаже од проектот, НБЦ побарала нешто невообичаено за тоа време а тоа втор пилот. Во преработената верзија, улогата на капетанот ја презел Вилијам Шатнер, а единствениот лик што бил пренесен од првиот обид бил научниот офицер Спок, кого го толкувал Леонард Нимој.
Проектот сепак не бил безбеден. Во февруари 1966 година, одборот на продукциската куќа Дезилу сакал да ја откаже серијата поради финансискиот ризик, бидејќи студиото истовремено произведувало три скапи продукции. Сопственичката на Дезилу, Лусил Бол, како претседателка на одборот, ја поништила таа одлука и продукцијата продолжила.
Премиерата на 8 септември
Серијата конечно влегла во програмата на 8 септември 1966 година, на американската мрежа НБЦ, со епизодата „Мен Трап“. Премиерата ја освоила својата терминска шема, но гледаноста набргу опаднала, а серијата на крајот била откажана во 1969 година, по три сезони, поради слаба гледаност.
Пред крајот на серијата, „Стар Трек“ повторно ги поместил границите. На 22 ноември 1968 година, во епизодата во која вонземјани телекинетски ги принудиле ликовите да пеат, танцуваат и се бакнуваат, капетанот Кирк (Вилијам Шатнер) и поручничката Ухура (Ничел Николс) се бакнале пред камерите.
Моментот често се наведува, иако не сосема точно, како прв ваков бакнеж на американската телевизија. Николс подоцна раскажала дека размислувала да ја напушти улогата, но борецот за граѓански права Мартин Лутер Кинг Помладиот лично ја убедил да остане, оценувајќи ја улогата како важна за репрезентацијата.
Од отфрлена серија до глобален феномен
По откажувањето, епизодите продолжиле да се емитуваат во репризи низ американските телевизии, каде што наишле на публика поголема од онаа во времето на оригиналното емитување. Тоа помогнало да се поттикне продукцијата на нови филмови и серии.
Оваа есен се навршуваат точно 60 години од премиерата на 8 септември 1966 година, а франшизата денес опфаќа повеќе телевизиски серии, играни филмови и анимирани продукции.

Гледаност во опаѓање, критики поделени
Во трите сезони биле снимени вкупно 79 епизоди. Премиерата на 8 септември 1966 година ја следеле околу 11,36 милиони домаќинства во САД, а гледаноста постепено опаѓала во текот на трите сезони – од просечен рејтинг од 18,0 во првата, до само 13,3 во третата сезона.
Критиките биле поделени. Списанието „Variety“ го опишало пилотот како „неверојатна и мрачна збрка од конфузии и комплексности“, додека дел од печатот го пофалил. И покрај негативните оценки од дел од критичарите, серијата успеала да привлече помлада публика, каква што дотогаш ретко следела телевизија во тој термин.

Пикар и генерацијата што ја спасила франшизата
Дваесет и една година подоцна, во 1987 година, се појавило продолжението „Стар Трек: Следната генерација“, во кое улогата на капетан ја презел Патрик Стјуарт, како Жан-Лук Пикар.
За разлика од оригиналната серија, „Следната генерација“ не била емитувана преку голема телевизиска мрежа, туку директно била пласирана во синдикација. Тоа било дел од одлуката на Џин Роденбери и „Парамаунт“ да не зависат од одлуките на мрежните раководства.
Серијата траела седум сезони, со вкупно 178 епизоди, и се емитувала до 1994 година. Нејзиниот успех повторно го разгорел интересот за „Стар Трек“ и се смета за еден од клучните проекти во ревитализацијата на целата франшиза.