Во изминатото деноноќие во Македонија се регистрирани вкупно 36 пожари на отворен простор, од кои три и утрово остануваат активни. Пет пожари се ставени под контрола, а 28 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Според информациите на ЦУК, заклучно со 07:30 часот денеска, активни пожари има во Струга и Македонски Брод.
Три пожари остануваат активни
Во Општина Струга пожарот се движи на потегот Буринец – Локов – Селце, каде гори нискостеблеста шума. Во Македонски Брод активни се два пожари. Едниот е во атарот на селото Белица, на месноста Кајорец кон Брезница, во близина на репетиторот, каде е зафатена нискостеблеста и мешана шума.
Вториот активен пожар е во селото Бенче, каде гори шумска површина.
Пет пожари се под контрола
Како пожари под контрола се водат уште пет случаи.
Во Општина Кичево пожарот во селото Тајмиште, на местото Дарда, зафатил ниска вегетација. Во Општина Сарај, во селото Копаница, гореле нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Пожар има и на градската депонија во Делчево. Во селото Стиник, Општина Ново Село, зафатени се паднати стебла, додека во селото Брест, на месноста Рамно во Општина Чучер-Сандево, гори мешана шума.
Изгаснати 28 пожари низ земјата
Во текот на изминатото деноноќие целосно се изгаснати 28 пожари на различни локации низ земјата. Најголем дел од интервенциите биле на пожари што зафатиле ниска вегетација, шума, депонии и отпад. Во Скопје, пожарите на улицата „Брсњачка Буна“ во Шуто Оризари биле предизвикани од запален отпад, додека во Грачани и Никиштани во Општина Ѓорче Петров горела шума.
Во Струмичко се интервенирало во Еднокуќево, Моноспитово, Ангелци и на месноста Софилар. Во Кичевско биле изгаснати пожари во Кнежино, Добреноец и на Влашки Пат.
Пожари биле регистрирани и во Бомово, Дебар; Српци, Могила; Курбиново, Ресен; Алдинци, Крушево; Слупчане, Оризаре и Матејче во Липково; Баново Трло и Ново Село во Куманово; како и во Руѓинце и Орах во Старо Нагоричане. Во Полошкиот регион биле изгаснати пожари во Челопек и Милетино во Брвеница, Порој во Тетово, Печково и Равен во Гостивар, како и во Врапчиште.
Последната интервенција е регистрирана во Велес, во близина на црквата „Свети Спас“, каде горело ѓубриште.
Иако најголемиот дел од пожарите се изгаснати или ставени под контрола, активните пожари во шумските подрачја на Струга и Македонски Брод остануваат под зголемено внимание поради опасноста од нивно понатамошно ширење.