Издавачката куќа „Артконект“, со поддршка од програмата „Креативна Европа“, ја објави книгата „Среќни падови“ од современата украинска писателка, фоторепортерка и уметница Евгенија Белорусец. Македонскиот превод е на Андреј Јованчевски.
Во „Среќни падови“, Белорусец го претвора документарното искуство во книжевна граѓа, создавајќи кратки раскази што се движат меѓу новинарски запис, лична меморија и надреалистички книжевен пасаж. Нејзината проза е меланхолична, иронична и визуелно силна, со приказни што истовремено звучат како сведоштво и како сон.
Книгата е дополнета со дваесетина фотографии на самата авторка. Бидејќи Белорусец активно се занимава и со фотографија, визуелниот дел не е само илустрација на текстот, туку создава сопствен наратив, како лирски и историски контрапункт на кратките прози.
Еден од расказите во книгата, „Ѕвезди“, ја покажува токму таа граница меѓу личното сведоштво, туѓата траума и книжевната трансформација: „Наоколу нема жива душа. Го барам маж ми во шумата, низ водата, до колена сум во вода. Дали ми се случи ова? Или ништо од ова се нема случено?“
Евгенија Белорусец е родена во Киев во 1980 година. Работи како фоторепортерка за повеќе европски медиуми, меѓу кои и германскиот весник „Дер Шпигел“. Таа е членка на интердисциплинарниот уметнички колектив „Худрада“ и основачка на списанието за уметности „Простори“. Пишува раскази, дневници и репортажи.
Со објавувањето на „Среќни падови“, македонската читателска публика добива пристап до авторка која преку литературата и фотографијата ги истражува кревките граници меѓу стварноста, сеќавањето, војната и човечкото сведоштво.