Србија првпат вежба со НАТО, иако останува воено неутрална

Вежбата се одржува во рамки на програмата „Партнерство за мир“, додека Белград и натаму ја задржува политиката на воена неутралност.

Србија и НАТО ја почнаа првата заедничка воена вежба, која ќе трае до 23 мај во базата „Југ“ и на полигонот „Боровац“ во близина на Бујановац. Во фокусот на вежбата се тактики, техники и процедури што се користат во операции за поддршка и одржување на мирот, соопшти НАТО, а информацијата ја потврди и српското Министерство за одбрана.

Во вежбата учествуваат околу 600 припадници на српските вооружени сили, како и војници од Италија, Романија и Турција. Организатори се Командата на копнената војска на Србија и Командата на здружените сили на НАТО од Неапол, а присутни се и воени планери и набљудувачи од повеќе земји, меѓу кои САД, Велика Британија, Германија, Франција и Црна Гора.

Вежбата се одржува во рамки на програмата „Партнерство за мир“, во која Србија членува од 2006 година, но Белград и натаму ја задржува политиката на воена неутралност. Токму затоа оваа активност има поширока политичка тежина, бидејќи доаѓа во период кога Србија балансира меѓу соработката со НАТО, односите со Русија и воената соработка со други партнери, вклучително и Кина.

По почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, Србија најави прекин на воените вежби со меѓународни партнери, но во изминатите години имаше исклучоци, меѓу кои и вежбите „Платински волк“ со САД и други членки на НАТО. Новата вежба со Алијансата сега повторно го отвора прашањето како Белград ја одржува својата воена неутралност, додека истовремено гради практична безбедносна соработка со западните партнери.

е-Трн да боцка во твојот инбокс