Search
Интервју со Маја Лазаревска, Артконект

Споделување на културни вредности преку програмата Креативна Европа

Во интервјуто со Маја Лазаревска, главен и одговорен уредник во Артконект, се истакнува значењето на програмата „Креативна Европа” за културниот сектор во Македонија, како и влијанието на истата врз литературната сцена, особено за децата и младите. Преку превод на книги од најразлични жанрови и промотивни активности, се стимулира читањето и негувањето на културни вредности. Оваа иновативна иницијатива ги збогатува книжевните изданија, создавајќи платформа за дијалог и размена на литературни и културни искуства помеѓу Македонија и Европа.

Трн: Што добива македонската култура од Креативна Европа?

Маја: Македонската култура од програмата „Креативна Европа“ добива солидна финансиска поддршка за остварување издржани и квалитетни проекти во рамки на културниот сектор, а исто така добива и можност да биде во тек со културните случувања во Европа, да го следи сето она што е значајно во културниот контекст на другите земји учеснички во програмата, но и да биде компетитивна во однос на нив, односно добива можност да ги сподели сопствените културни вредности и достигнувања со европската публика. Кажано наједноставно, програмата „Креативна Европа“ ѝ овозможува на македонската култура да биде и европска во полната смисла на зборот.

Трн: Какво влијание има врз литературата кај нас овој проект?

Маја: Би сакале да веруваме дека со нашата целокупна работа придонесуваме книжевноста да биде пожива и да биде поактуелна тема во нашата културна средина.Нашиот тековен проект опфаќа превод на 14 книги од наградувани, успешни и признати европски автори, од кои поголем дел првпат се преведуваат на македонски јазик. Освен тоа, проектот опфаќа и голем број промотивни активности за да се зголеми видливоста на преведените книги, на авторите и на преведувачите, но и да се зголеми публиката заинтересирана за квалитетна книжевност. Така, во нашата книжевна средина се нуди увид во современите текови во европската книжевна продукција, се создава основа за дијалог со туѓите култури и се отвора простор за понатамошна соработка со авторите кои се застапени во проектот. Искрено веруваме дека сето ова влијае на поттикнување и на читањето и на книжевното творештво кај нас.

Трн: Како ги избирате книгите и авторите што ги преведувате и објавувате?

Маја: Авторите и делата што ги објавуваме ги избираме според нивниот книжевен квалитет и според нашата замисла за тоа како да биде обликувана издавачката програма на „Артконект“. Се обидуваме да направиме баланс меѓу современи и актуелни книги кои често ги преведуваме непосредно откако биле објавени на оригиналниот јазик и „класични“ автори чии дела биле недоволно преведувани на македонски или биле целосно занемарени. Исто така, имаме доста голем број едиции и внимаваме изборот на делата да биде добро распореден низ овие едиции во кои има сликовници, графички романи, поезија, филозофија, драма, романи, раскази, есеи итн. Голем број од авторите што ги објавуваме се првпат преведени на македонски токму во нашата издавачка куќа.

Трн: Кои критериуми ги користите за да ги направите овие избори?

Маја: Книжевниот квалитет е основниот критериум на кој се заснова изборот на книжевните дела што ги објавуваме. А за делата од областа на филозофијата, книжевната теорија, есеистиката итн. – критериумот за избор се сведува на значењето на делото и неговата актуелност за оној дел од нашата публика кој е заинтересиран за ваков тип на литература. Се разбира, покрај сето ова, личниот вкус и преференциите на уредниците исто така игра важна улога при изборот на книгите што ги објавуваме.

Трн: Колку е застапена литературата за деца со програмата Креативна Европа?

Маја: Програмата „Креативна Европа“ посветува особено внимание на жанровската разноликост на проектите што ги поддржува. Еден од приоритетите на програмата е поддржување проекти кои ги имаат предвид и младите читатели, односно нудат превод на квалитетни книги за деца и млади. Во таа смисла и нашиот проект во голем процент опфаќа превод на книги наменети токму за оваа млада читателска популација која треба да научи да ги сака книгите и да го открие читањето како едно од поубавите нешта во животот.

Трн: Каква улога игра во негувањето на чувството за европски идентитет и единство?

Маја: Во трите проекти што досега ги реализираме со поддршка од програмата „Креативна Европа“ чувството за европско единство и идејата за споделени европски вредности играат особено важна улога. Всушност, токму оваа идеја за споделување на културните вредности и достигнувања, за културна размена и за промоција на европската литература во нашиот домашен контекст се основата врз која ги градиме уредничкиот пристап и стратегиите за работа и промоцијата на издадените дела во рамки на овие проекти. Со изборот на квалитетни и наградувани книги од различни европски земји, со ангажманот на компетентни и искусни преведувачи и на тим од стручни уредници, лектори, дизајнери, како и со стратегиите за зголемување на видливоста на книжевноста и на поддршката од програмата „Креативна Европа“, нашата издавачка куќа во изминатите години искрено и посветено работи на негување на европските вредности и на промоција на европската култура во Македонија.

Најново

Последни колумни