Спилберг повторно ја отвори вечната дилема: Дали вонземјаните веќе живеат меѓу нас?

Легендарниот режисер Стивен Спилберг повторно се враќа на својата омилена тема – вонземскиот живот. По премиерата на новиот научнофантастичен филм „Disclosure Day“, тој изјави дека има силно чувство дека луѓето не се сами на Земјата.

Еден од највлијателните режисери во историјата на филмот, Стивен Спилберг, повторно ја отвори дебатата за постоењето на вонземски живот. Во пресрет на промоцијата на неговиот најнов научнофантастичен филм „Disclosure Day“, Спилберг изјави дека има „силно претчувство“ дека луѓето не се единствените интелигентни суштества кои живеат на Земјата. 

„Не знам ништо повеќе од вас, но во овој момент имам многу силно чувство дека не сме сами тука на Земјата. И токму за тоа снимив филм“, изјавил Спилберг за време на промотивен настан посветен на новото остварување. 

Неговиот нов филм „Disclosure Day“ ја обработува идејата што би се случило доколку човештвото дознае дека вонземјаните навистина постојат и дека долго време биле присутни меѓу нас. Филмот ја следи приказната за откривање на тајни информации за контакти меѓу луѓето и вонземски цивилизации, што предизвикува глобални политички и општествени потреси. 

Ова не е првпат Спилберг да се занимава со темата за вонземскиот живот. Во текот на својата кариера тој ги режираше култните научнофантастични филмови Close Encounters of the Third Kind, E.T. the Extra-Terrestrial и War of the Worlds, кои оставија силен белег во поп-културата и начинот на кој јавноста ги доживува приказните за вонземјани. 

Интересно е што режисерот признава дека никогаш лично не видел НЛО или вонземско суштество, иако, како што вели, многумина од неговите пријатели тврдат дека имале такви искуства. Сепак, тоа не го поколебало во верувањето дека постои нешто што човештвото сѐ уште не го разбира целосно. 

„Disclosure Day“ премиерно беше прикажан во јуни годинава и веќе привлекува големо внимание кај љубителите на научната фантастика. Главните улоги ги толкуваат Emily Blunt, Josh O’Connor, Colin Firth и Colman Domingo. 

Со новото остварување, Спилберг уште еднаш покажува дека прашањето дали сме сами во универзумот останува една од неговите најголеми инспирации – тема што со децении ја интригира и светската јавност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс