Шпанија е земја во фокус на овогодишното издание на „МакеДокс“

Инцијативата носи избор на креативни документарни филмови, мастер-клас со гости од Шпанија и специјални кратки програми.

Современото шпанско документарно творештво е во фокусот на 17. издание на фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“. Публиката ќе има можност да види остварувања што ги поместуваат границите меѓу документарното и уметничкото, преку лични и универзални приказни за идентитетот, колективната меморија, миграциите и општествените промени. Овогодишната селекција донесува визуелна смелост и авторски пристап кој го преиспитува секојдневието.

Програмата официјално се отвара со филмот „Амилкар“ на режисерот Мигел Еек, заедно со краткометражниот „Роење птици“ на Ксавиер Марадес. Двајцата автори се гости на фестивалското издание во Скопје и ќе одржат мастер-клас посветен на современите пристапи во креативниот документарен филм. Нивното присуство нуди можност за директен разговор за процесот на создавање и уметничките предизвици.

Фестивалската публика ќе проследи низа истакнати наслови, меѓу кои „Цел еден живот“ на Марта Ромеро, „Камени богови“ на Иван Кастињерас и „Господе, земи ме наскоро“ на Гиљермо Ф. Флорез. На програмата се и „Дневник за уценување“ на Патриција Франкеса, „Сатурн“ на Даниел Торнеро и „Задушена светлина“ на Луис Сампиери. Покрај главната селекција, застапени се и кратки филмови од Канарските Острови, како и перуански експериментални дела во соработка со фестивалот МУТА.

Шпанските документарци редовно освојуваат признанија на светските фестивали благодарение на континуираната поддршка од локалните институции и независните иницијативи. Програмата „Земја во фокус“ се реализира со поддршка од Амбасадата на Кралството Шпанија, овозможувајќи промоција на една од најдинамичните европски документарни сцени пред домашната публика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс