Шпанија регистрираше 111 случаи на редок рак поврзан со импланти за гради

Шпанските здравствени власти регистрираа 111 случаи на редок лимфом поврзан со импланти за гради, познат како BIA-ALCL.
Woman wearing a compressing bra after breast augmentation surgery and holding implant in hand. Copy space

Шпанските здравствени власти потврдија дека до крајот на 2025 година биле регистрирани 111 случаи на анапластичен лимфом на големи клетки, редок облик на рак поврзан со импланти за гради.

Шпанската агенција за лекови и медицински производи од 2012 година, кога почнала да ја следи оваа состојба, добила вкупно 146 сомнителни пријави, пишува Euronews.

Овие податоци се дел од шестиот извештај за следење на националниот протокол за откривање и проучување на овој тип лимфом. Извештајот е подготвен врз основа на пријави регистрирани во Системот за надзор на медицински производи.

Агенцијата со години спроведува посебен надзор на оваа болест, во соработка со медицински здруженија и европските здравствени власти.

Според извештајот, најмногу пријави се регистрирани во Мадрид, а потоа следуваат Андалузија, Каталонија и Валенсија.

Анапластичниот лимфом на големи клетки поврзан со импланти за гради, меѓународно познат како BIA-ALCL, е редок вид не-Хочкинов лимфом. Важно е да се нагласи дека ракот не потекнува од самото ткиво на градата, туку од клетки на имунолошкиот систем кои можат да се развијат во ткивната капсула што го опкружува имплантот.

Од шпанската агенција нагласуваат дека станува збор за ретка болест, со ниска зачестеност во споредба со големиот број жени кои имаат импланти за гради. Сепак, истакнуваат дека е неопходно продолжување на надзорот и подобрување на раното откривање.

Досегашните истражувања укажуваат дека болеста може да има повеќе причини. Меѓу факторите што се проучуваат се видот на имплантот, генетската предиспозиција, како и можни воспалителни процеси или контаминација поврзана со самата имплантација.

Стручните лица сепак предупредуваат дека сè уште не е утврдена дефинитивна причинско-последична врска и дека механизмот што го поттикнува развојот на овој лимфом не е прецизно познат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс