Светското првенство во 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, би можело да стане најзагадувачкиот фудбалски турнир во историјата. На тоа предупредува извештајот „Климатската слепа точка на ФИФА“, според кој проширениот формат, големата географска распространетост и зависноста од авионски превоз значително ќе го зголемат климатскиот отпечаток на турнирот.
Според анализата на New Weather Institute, следното Светско првенство ќе произведе најмалку девет милиони тони CO₂ еквивалент. Тоа е речиси двојно повеќе од просекот на турнирите одржани меѓу 2010 и 2022 година, кога емисиите изнесувале околу 4,7 милиони тони. Во пошироки сценарија, бројката би можела да достигне и 15 милиони тони, што би го направило настанот еден од најзагадувачките во историјата на спортот.
Еден од главните фактори е новиот формат. За првпат, на Светското првенство ќе учествуваат 48 репрезентации и ќе се одиграат 104 натпревари, што е зголемување од 63 отсто во однос на претходните изданија. Повеќе тимови и повеќе натпревари значат и повеќе патувања, повеќе навивачи и поголем притисок врз инфраструктурата.
Најголемиот проблем, според извештајот, е логистиката. За разлика од турнири концентрирани во една земја, СП 2026 ќе се игра во 16 градови низ северноамериканскиот континент, оддалечени илјадници километри едни од други. Тоа значи дека тимовите, новинарите и милиони навивачи речиси целосно ќе зависат од авионски превоз.
Извештајот проценува дека само летовите ќе создадат повеќе од 7,7 милиони тони CO₂, односно најголемиот дел од вкупните емисии. Емисиите поврзани со авиопревозот би можеле да пораснат меѓу 160 и 325 отсто во споредба со претходните турнири, со што транспортот станува главниот климатски проблем на настанот.
Иако турнирот нема да бара масовна изградба на нови стадиони, што делумно го намалува влијанието врз животната средина, извештајот предупредува дека вистинскиот проблем е структурен. Станува збор за модел на натпреварување што станува сè поголем, поглобален и сè позависен од патувања на долги растојанија.
Дополнителен проблем е недостигот на одржливи алтернативи. За разлика од Европа или Азија, Северна Америка нема развиена мрежа на брзи железници што би можела значително да го намали јаглеродниот отпечаток од транспортот.
Извештајот ја доведува во прашање и климатската стратегија на ФИФА, обвинувајќи ја организацијата дека има „слепа точка“ кога станува збор за еколошката криза. Авторите наведуваат дека постои јаз меѓу ветувањата за одржливост и реалните одлуки, како проширувањето на турнирот и изборот на градови домаќини кои се многу оддалечени едни од други.
Според нив, СП 2026 би можело да ја влоши климатската криза наместо да помогне во нејзино ублажување, во момент кога светот бара итно намалување на емисиите.
ФИФА, пак, тврди дека Светското првенство во 2026 година ќе биде придружено со стратегија за одржливост насочена кон намалување на влијанието врз животната средина и оставање „позитивно наследство“ во градовите домаќини. Организацијата најавува промовирање одржливи стандарди во стадионите и привремената инфраструктура, поттикнување јавен превоз, намалување на отпадот, потрошувачката на енергија и емисиите поврзани со турнирот.
Сепак, извештајот, изработен во партнерство со Scientists for Global Responsibility, Environmental Defense Fund и The Sport for Climate Action Network, предупредува дека овие мерки веројатно нема да бидат доволни за да го неутрализираат структурното влијание на турнирот.