Најмалку 21 загинат во директен судар на два такси-комбиња во Јужна Африка

Тешката сообраќајка на автопатот кон Кејптаун остави десетици настрадани откако трето возило удрило во веќе превртените минибуси.

Најмалку 21 лице загина, а неколкумина се тешко повредени во директен судар меѓу две такси-комбиња и трет автомобил во југозападниот дел на Јужноафриканската Република. Несреќата се случила синоќа околу 23:30 часот на автопатот меѓу градовите Принс Алберт и Леу-Гамка, во провинцијата Вестерн Кејп, потврдија локалните власти и националната сообраќајна агенција.

Несреќата се случила на делница одалечена околу 380 километри источно од Кејптаун. Портпаролката на покраинскиот оддел за сообраќај „Вестерн Кејп мобилити“, Мунира Али, потврди дека на местото на настанот загинале најмалку 21 лице, додека повеќе патници со тешки телесни повреди биле префрлени во најблиските болници.

Според првичните наоди на Државната агенција за управување со патниот сообраќај (RTMC), до трагедијата дошло кога двете такси-комбиња се судриле директно едно со друго. Веднаш потоа, во нив удрило и трето патничко возило кое се движело по истата рута.

Импровизираните минибуси и такси-комбиња се главниот облик на јавен превоз за милиони граѓани во Јужноафриканската Република. Ваквиот вид превоз вообичаено го користат работниците и семејствата со пониски примања за меѓуградски патувања.

Поради пренатрупаност на возилата, лошите технички услови и непочитувањето на брзината на долгите делници, овие возила редовно учествуваат во тешки сообраќајни несреќи со голем број жртви ширум земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс