ОЈО бара притвор за возачот кој предизвика сообраќајка во Радишани и побегна

46-годишниот возач го пресекол патот на 19-годишниот Никола Макрачевски, кој загина при обид да избегне судар со неговото возило.

Скопското обвинителство покрена постапка против 46-годишен возач кој на 7 август предизвика тешка сообраќајна несреќа во Радишани, во која животот го загуби 19-годишниот мотоциклист Никола Макрачевски. Осомничениот го пресекол патот на мотоциклот, а по директниот удар на момчето во друго возило, го напуштил местото без да укаже помош на повредените.

Според информациите од Основното јавно обвинителство Скопје, несреќата се случила околу пладне на крстосницата меѓу улиците „Радишанска“ и „18“. Осомничениот управувал автомобил „сеат алтеа“ и при вртење во лево не ги пропуштил возилата што доаѓале од спротивниот правец. Со тој маневар му го пресекол патот на мотоциклот „кавасаки“ со кој управувал Макрачевски, кој си го задржувал правецот на движење.

За да избегне директен судар со автомобилот што му го пресекол патот, младиот мотоциклист скренал во лево и преминал на коловозната лента наменета за спротивен смер. Во тој момент, со предниот дел од мотоциклот удрил директно во автомобил „алфа ромео“ кој доаѓал од спротивната страна. Од силата на ударот Макрачевски излетал на коловозот и им подлегнал на тешките телесни повреди, додека возачот на вториот автомобил задобил полесни повреди.

Осомничениот 46-годишник, наместо да запре и да им укаже помош на повредените, веднаш го напуштил местото на сообраќајната несреќа. Обвинителството го товари за тешки дела против безбедноста во сообраќајот и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода. За обезбедување на неговото присуство во постапката, надлежниот обвинител до Судот достави предлог за одредување мерки на претпазливост, кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за јавување во суд, како и привремено одземање на пасошот и возачката дозвола.

е-Трн да боцка во твојот инбокс