Социјалното менторство донесе 53 вработувања и нова генерација сертифицирани ментори

Втората генерација социјални ментори денес беше сертифицирана по едногодишна работа со корисници на гарантирана минимална помош во осум градови низ земјата.
Фото: Томислав Георгиев

Втората генерација социјални ментори за работна интеграција денеска беше сертифицирана на настан на кој министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, ги додели сертификатите на менторите, а благодарници им беа врачени и на водителите на случај од центрите за социјална работа. Сертификацијата доаѓа по едногодишна работа со корисници на гарантирана минимална помош, во рамки на проектот што го спроведува „Паблик“, со цел полесно вклучување на тешковработливите лица на пазарот на труд.

Програмата за социјално менторство донесе 53 вработувања во текот на изминатата година, а кај 67 лица биле подобрени вештините за вработување. Според податоците од проектот, 83 отсто од вработените лица успеале да се задржат на работните места, што покажува дека поддршката не завршува со самото вработување, туку продолжува и во процесот на работна интеграција.

Социјалното менторство, програма развиена од Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, е пристап што им помага на тешковработливите лица полесно да влезат и да се задржат на пазарот на труд. Програмата е верификувана од Центарот за образование на возрасни и Министерството за образование, а се темели на индивидуална поддршка, препознавање на силните страни, мотивација и практично водење низ процесот на работна интеграција.

Од „Паблик“ објаснуваат дека социјалното менторство не е само посредување до работа, туку структуриран процес што ги следи потребите, можностите и пречките на секое лице поединечно. Клучната цел е луѓето што се најдалеку од пазарот на труд да ги препознаат своите потенцијали, да бидат охрабрени да се вклучат во работа и, најважно, да успеат да се задржат таму.

Најголемиот дел од вработувањата се реализирани во приватниот сектор, односно 86,6 отсто. Вработувањата во граѓанскиот сектор и самовработувањето се застапени со по 5,7 отсто, додека најмал удел има јавниот сектор, со 1,9 отсто.

Не е доволно само да се сака работа

Процесот покажал дека дел од луѓето не успеваат да влезат на пазарот на труд не затоа што немаат потреба од работа, туку затоа што немаат поддршка во секојдневниот живот. Најчести пречки биле недостатокот на сервиси за грижа за деца, стари лица и лица со попреченост, како и недостигот на организиран транспорт до местата каде што живеат.

Социјалното менторство за вработување и работна интеграција на корисници на гарантирана минимална помош се спроведувало во Скопје, Тетово, Струга, Битола, Прилеп, Куманово, Кочани и Виница.

Климентина Илијевски, тим лидерка на проектот и извршна директорка на „Паблик“, посочи дека искуствата биле различни во различни делови од земјата, а особено важна била поддршката од водителите на случај во центрите за социјална работа.

„Тие го спроведоа процесот на мапирање на лицата што беа вклучени во менторскиот процес и имаа исклучително тешка задача – да ги препознаат поединците на кои навистина им значи да бидат дел од пазарот на труд“, рече Илијевски.

Таа додаде дека меѓу корисниците има лица кои поради болест или изнемоштеност навистина не можат да работат, но и лица што живеат во средини каде не постои развиена економија на грижа, па нема кој да се грижи за нивните деца, стари лица или лица со попреченост.

Фото: Томислав Георгиев

Менторите како мост меѓу институциите и луѓето

Лимани истакна дека социјалните ментори имаат важна улога како поддршка, водич и мост меѓу институциите и корисниците, со цел полесна интеграција на пазарот на труд и поголема социјална вклученост.

„Овој процес не претставува само формално признание за нивната посветеност и стекнато знаење, туку и потврда дека вложуваме во луѓе кои директно ќе придонесат за поголема вклученост, поддршка и мотивација на најранливите категории граѓани“, рече Лимани.

Настанот се реализираше во рамки на проектот „Социјално менторство за активирање на пазарот на труд на корисниците на гарантирана минимална помош“, кој го спроведува „Паблик“, во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги при Министерството за социјална политика, демографија и млади.

е-Трн да боцка во твојот инбокс