Европа сè поинтензивно размислува за воведување ограничувања за користење на социјалните мрежи од страна на деца и тинејџери, а во фокусот е можноста за минимална возраст од 16 години.
Иако засега не постои единствен закон што важи за цела Европска унија, Европскиот парламент веќе предложи минимална возраст од 16 години за користење на социјални мрежи, со можност за родителска согласност за деца од 13 до 16 години.
Паралелно, повеќе држави веќе преземаат конкретни чекори. Шпанија најави целосна забрана за деца под 16 години, додека Франција разгледува ограничување за помлади од 15 години.
Во Португалија веќе е одобрен закон што бара родителска дозвола за користење социјални мрежи за лица под 16 години, а слични иницијативи се разгледуваат и во Германија, Грција и други европски земји.
Дополнително, Европската комисија работи на воведување систем за верификација на возраста, кој би требало да им помогне на платформите да контролираат кој може да пристапи до содржините.
Причината за ваквите иницијативи е сè поголемата загриженост за влијанието на социјалните мрежи врз децата – од зависност и нарушен сон, до анксиозност, депресија и изложеност на штетна содржина.
Сепак, експертите предупредуваат дека целосна забрана може да има и контраефект – младите лесно можат да ги заобиколат ограничувањата, а се отвораат и прашања за приватноста и дигиталните права.
Засега, најверојатниот сценарио е комбинација од построги правила, родителска контрола и технолошки решенија, наместо целосна забрана на ниво на цела Европа.