Со „Љубов“ вечерва се отвора 66. издание на „Охридско лето“

Со гала-концертот „Љубов“, на кој ќе настапат сопранот Ермонела Јахо и тенорот Чарлс Кастроново, вечерва во Античкиот театар ќе биде отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Почетокот на концертот е закажан за 21 часот, а двете светски оперски имиња ќе настапат во придружба на Националната опера и балет, под диригентство на италијанскиот диригент Марко Боеми, објави Умно.мк.

Фестивалот и годинава го задржува традиционалниот термин на отворање – 12 јули, а во следните 40 дена Охрид ќе биде домаќин на бројни музички, театарски, балетски и џез-настани.

Ермонела Јахо

Повеќе од 700 уметници од 24 земји

Во рамки на годинашното издание се предвидени околу 50 фестивалски настани, на кои ќе учествуваат повеќе од 700 уметници од 24 земји.

Програмата ќе се одвива на препознатливите охридски сцени, меѓу кои Античкиот театар, црквата „Света Софија“ и Долни Сарај.

Директорот на фестивалот Ѓорѓи Цуцковски оцени дека „Охридско лето“ е повеќе од културна манифестација – традиција која со децении ги поврзува различните култури, народи и генерации.

Јубилеи посветени на Ана Липша Тофовиќ и ФМУ

Во годинашната програма ќе бидат одбележани и два значајни јубилеја: 100 години од раѓањето на оперската дива Ана Липша Тофовиќ и 60 години од основањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Ана Липша Тофовиќ

Публиката ќе може да проследи и повеќе тематски вечери организирани во соработка со дипломатските претставништва во земјата.

Предвидени се австриска, шпанска, британска, италијанска, француска, холандска, грчка, словачка, унгарска и полска вечер, како и Вечер на Европската Унија.

Џезот првпат добива посебен фестивалски блок

Една од новините на 66. издание е четиридневната џез-програма, која ќе се одржи од 13 до 16 август на сцените во Долни Сарај и во црквата „Света Софија“.

Во неа ќе учествуваат музичари од САД, Гана, Велика Британија, Холандија, Германија и Македонија.

Фестивалот уште пред официјалното отворање им даде простор и на младите музичари преку „Подиум на млади“, реализиран во соработка со Музичката младина на Македонија.

Фестивал што го полни Охрид

Минатогодишното издание на „Охридско лето“ го посетиле повеќе од 10.000 луѓе, а биле продадени билети на публика од над 30 држави.

Според организаторите, фестивалот не влијае само врз културната понуда, туку и врз туристичката промоција и посетеноста на Охрид.

„Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со финансиска поддршка од Владата преку Министерството за култура и туризам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс