Собранието го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, со 58 гласа „за“ и шест „против“, со што се унапредува правната и институционалната рамка за органодарителство и трансплантација.
Според Министерството за здравство, новите измени воведуваат значајни промени кои имаат цел да ја зголемат транспарентноста, довербата и бројот на органски дарители во државата.
Лична изјава кај матичен лекар
Една од клучните новини е воведување можност секој полнолетен граѓанин да даде лична изјава кај својот матичен лекар дали сака да биде дарител на органи по смртта. Изјаснувањето ќе се спроведува и преку дигитален систем во „Мој Термин“, со двојна верификација, а граѓаните ќе можат во секое време да ја променат или повлечат одлуката.
Министерството нагласува дека со ова се добива појасна слика за ставовите на граѓаните и се зајакнува довербата во системот за трансплантација.
Проширување на кругот на живи дарители
Законот предвидува и проширување на кругот на живи дарители до четврти степен на сродство, при што секој случај ќе биде предмет на проценка од Етичка комисија за да се спречат злоупотреби и трговија со органи. Министерството за здравство најавува и продолжување на националната кампања за подигање на свеста за органодарителство, со вклучување на матични лекари, образовни институции, пациентски здруженија и верски заедници.
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека трансплантацијата претставува „живот, надеж и можност човек да продолжи да живее преку животот на друг“, додавајќи дека лично ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител.
Според лекарите, и покрај постојните трансплантациски програми, бројот на достапни органи сè уште не ги задоволува потребите на пациентите, а секој донор може да спаси повеќе животи, особено преку трансплантација на бубрези, црн дроб и срце.