Со доделување на „Златниот венец“ на Анеке Брасинга вечерва се затвораат 65. Струшки вечери на поезијата

Со меѓународното читање „Мостови“ и доделувањето на највисоките признанија вечерва завршува 65. издание на Струшките вечери на поезијата. „Златниот венец“ ѝ припадна на холандската поетеса Анеке Брасинга.

Со врачување на највисоките фестивалски признанија и традиционалното меѓународно поетско читање „Мостови“, вечерва на Мостот на поезијата свечено ќе заврши 65. издание на Струшките вечери на поезијата. На холандската поетеса Анеке Брасинга ќе ѝ биде врачено највисокото признание на фестивалот – „Златен венец“, со кое се оддава признание за исклучителен придонес во светската поезија.

Годинешната награда „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга објавена меѓу две фестивалски изданија ќе ѝ биде доделена на македонската поетеса Николина Андова Шопова за стихозбирката „Во куќата“. Признанието „Мостови на Струга“, кое заеднички го доделуваат УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата за најдобар поетски дебитант, годинава му припадна на Даниел Хајндс од Обединетото Кралство.

По завршувањето на поетското читање „Мостови“ ќе биде прогласен и добитникот на наградата „Енхалон“. Во рамките на завршниот фестивалски ден ќе се одржи и традиционалниот бродски излет до манастирот „Свети Наум“, каде што е предвидено поетско читање. Поетите ќе имаат можност да дегустираат вина од винарската визба „Тиквеш“, а на бродот ќе биде врачена и наградата „In vino veritas“ за најдобра песна посветена на виното.

Фестивалската програма продолжува и утре (29 јуни) со „Поетско матине“ во винарската визба „Тиквеш“ во Кавадарци.

Годинашното издание на Струшките вечери на поезијата беше свечено отворено на 24 јуни со традиционалното палење на фестивалскиот оган и садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на лауреатката Анеке Брасинга. Манифестацијата се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс