Швајцарските гласачи на историски и длабоко поделен референдум, кој во јавноста веќе доби етикета како „швајцарски Брегзит“, го одбија досега незабележаниот десничарски предлог за вештачко ограничување на вкупното население на земјата на максимум 10 милиони жители.
Официјалните резултати покажуваат дека 54,79 проценти од граѓаните гласале против оваа радикална мерка, додека поддршка на планот дадоа 45,21 проценти од гласачите, при изразено висок одзив на гласачките места од 58,86 проценти. Иницијативата беше поднесена од десничарската Швајцарска народна партија (СВП), која моментално има најмногу пратенички места во националниот парламент, но не успеа да го убеди поширокото гласачко тело.
Строги рестрикции и ризик од целосно напуштање на пазарот на ЕУ
Доколку исходот од гласањето беше поинаков, швајцарската влада ќе беше законски обврзана да го ограничи растот на населението, кое во моментов изнесува 9,1 милиони, на фиксни 10 милиони жители најдоцна до 2050 година. Планот предвидуваше активирање на итни и крајно строги ограничувања за спојување на семејствата, издавањето дозволи за престој и доделувањето азил, во случај бројката да достигнеше 9,5 милиони пред предвидениот краен рок.
Најрадикалниот дел од предлогот наметнуваше обврска за владата во Берн целосно да се повлече од Договорот за слободно движење со Европската Унија доколку прагот од 10 милиони луѓе биде надминат, што автоматски ќе значеше губење на пристапот до единствениот пазар на Унијата.
„Гласачите беа сериозно загрижени за негативните последици по односите на Швајцарија со Европската Унија, но и за состојбата на домашниот пазар на труд каде веќе се чувствува сериозен недостиг на медицински кадар, лекари и соодветни негуватели.“, објаснува по поразот Урс Биери од престижниот институт за анкети ГФС Берн.
Економијата и стравот од недостиг на работна сила го победија популизмот
Швајцарската народна партија со години наназад гради силен политички наратив со антиимигрантска реторика, насочена главно против работниците кои доаѓаат од соседните земји членки на Унијата. Од СВП тврдеа дека оваа иницијатива за одржливост е неопходна за да се спречи колапс на националната инфраструктура, станбениот фонд, социјалните програми и природните ресурси.
Податоците покажуваат дека населението на Швајцарија порасна за 23 проценти од 2002 година, кога стапи на сила договорот за слободно движење, но во истиот период економскиот импут на земјата забележа соодветен раст од 24 проценти. Седумчлената коалициска влада, составена од министри од четирите најголеми партии, колективно се изјасни против предлогот, предупредувајќи дека ваквиот чекор сериозно ќе ја загрози стабилноста, економскиот просперитет и развојот на оваа развиена алпска држава.