Силно невреме проследено со дожд, град и силен ветер денеска погоди делови од Хрватска и Република Српска, предизвикувајќи материјална штета, проблеми во сообраќајот и нагла промена на времето. Најпогоден беше Загреб, каде температурата паднала за повеќе од 11 степени за само еден час. Невремето ги зафатило и Загрепска жупанија, Крапинско-загорска жупанија и Сисачко-мославачка жупанија.
Според хрватските медиуми, регистрирани биле околу 250 пријави од граѓани за паднати дрвја, оштетени кровови и прекини во сообраќајот. Во еден случај, дрво паднало врз автомобил во движење, додека едно лице било полесно повредено по пад на гранка во центарот на Загреб.
Силниот ветер предизвикал проблеми и во јавниот превоз, а дел од кровот на зградата на фармацевтската компанија Плива завршил на железничка пруга. Невремето донесе и вистински временски шок, на планината Сљеме над Загреб паднал снег, иако е средина на мај.
Силно невреме ја зафати и Република Српска, особено подрачјата на Градишка, Костајница, Приједор и Козарска Дубица. Ветрот оштетил објекти, паркови и јавни површини, а откорнати биле и голем број дрвја.
Невремето претходно зафатило делови од Словенија, каде во околината на Домжале паднал силен град, а во некои северни предели бил забележан и снег.
Метеоролозите предупредуваат дека истиот временски фронт во текот на денот ќе ја зафати и Србија, каде се очекуваат силни налети на ветер, обилни врнежи, грмежи и локален град. Во одредени делови се прогнозира ветер со брзина и до 120 километри на час.
Властите во регионот апелираат граѓаните да бидат внимателни поради опасност од паднати дрвја, прекини во снабдувањето со електрична енергија и отежнат сообраќај.