Смокви: Свежи или сушени – која варијанта е подобра и колку е доволно?

Свежите и сушените смокви имаат различни нутритивни карактеристики. Еве што добивате со едните, што со другите и зошто со сувите треба да внимавате на количината.

Слатки, сочни и миризливи, смоквите се едно од омилените сезонски овошја. Освен што се вкусни, тие содржат растителни влакна и минерали, па можат да бидат добар дел од разновидната исхрана. Но, дали е подобро да јадете свежи или суви смокви?

Одговорот зависи од тоа што сакате да внесете со нив. Најголемата разлика меѓу двете варијанти е количината на вода, а со тоа и концентрацијата на шеќери и калории.

Свежите смокви се полни со вода и влакна

Една од главните предности на смоквите е нивната содржина на растителни влакна. Тие придонесуваат за нормалното функционирање на дигестивниот систем и можат да помогнат подолго да се чувствувате сити. Токму затоа свежите смокви можат да бидат практична ужина кога сакате нешто благо, но и хранливо. Покрај влакната, смоквите содржат и минерали како калиум, калциум и магнезиум.

Калиумот има важна улога во нормалното функционирање на мускулите и нервниот систем, додека калциумот придонесува за одржување на нормалните коски и заби.

Сувите смокви се поконцентрирани

Процесот на сушење ја отстранува најголемата количина вода од овошјето. Тоа значи дека во истата тежина сувите смокви содржат значително поконцентрирана количина природни шеќери и калории. Затоа, иако сувите смокви се хранливи и практични за носење како ужина, со нив полесно може да се претера.

Ако внимавате на внесот на шеќери или калории, свежите смокви обично се полесна опција за поголема порција, додека сувите е подобро да се јадат во умерена количина.

Колку смокви се доволни?

Не постои една универзална количина која одговара на сите. Потребите зависат од целокупната исхрана, физичката активност и индивидуалните енергетски потреби. Најважно е смоквите да бидат дел од разновидна исхрана, а не единствен извор на овошје.

Свежите може да се јадат самостојно, со јогурт, јаткасти плодови или сирење. Може да се додадат и во салати. Сувите смокви се практични како ужина или во комбинација со јогурт и јаткасти плодови. Добро се вклопуваат и во овесна каша или други оброци.

Смоквите, значи, не мора да ги избегнувате ниту кога се свежи ниту кога се суви. Клучот е во количината: свежите се похидратантни и помалку концентрирани, додека сувите се хранливи, но поради отстранетата вода имаат многу повеќе шеќери и калории во мала количина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс