Словенија ќе дозволи вишокот струја од соларни панели да се подарува на блиски

Од јули, домаќинствата во Словенија што произведуваат струја од соларни панели ќе можат вишокот електрична енергија да го пренесуваат на членови на семејството, пријатели или други потрошувачи, без разлика во кој дел од земјата живеат.

Словенија од јули воведува нов модел за споделување електрична енергија, со кој граѓаните што имаат сопствени фотоволтаични системи ќе можат поефикасно да го користат вишокот произведена струја.

Наместо вишокот автоматски да се враќа во електроенергетската мрежа, домаќинствата ќе можат да го распределуваат кон други потрошувачи. Тоа може да бидат членови на семејството, пријатели или други лица, дури и ако живеат во различен град или регион.

Практично, родителите кои имаат соларна електрана во Марибор ќе можат дел од вишокот струја да им го отстапат на своите деца кои студираат во Љубљана, со што директно ќе им ги намалат месечните сметки.

Како ќе функционира системот

Новиот модел ќе работи преку административна распределба на електричната енергија во интервали од 15 минути.

Откако производителот и примателот ќе постигнат договор, тој ќе треба да биде регистриран преку националниот портал „Мој Електро“.

Струјата физички нема да се пренесува од едно место до друго. Наместо тоа, системот ќе евидентира колку вишок е произведен и кој дел му е доделен на конкретен потрошувач. Потоа тој износ ќе се пресметува како намалување на неговата сметка за електрична енергија.

Вишокот струја ќе може и да се продава

Со новите правила се предвидува и можност сопствениците на соларни електрани да ја продаваат произведената електрична енергија.

Цената ќе се утврдува со договор меѓу производителот и купувачот, без однапред фиксиран износ.

Според информациите објавени од платформата „Klima 101“, регистрацијата за новиот систем започнува во јуни, а неговата практична примена треба да стартува во јули.

Чекор кон подецентрализирана енергија

Експертите оценуваат дека словенечкиот модел може да биде важен чекор кон подецентрализиран енергетски систем, подобро искористување на обновливите извори и пониски трошоци за домаќинствата.

Решението веќе предизвикува внимание и во регионот, бидејќи отвора можност струјата произведена од сонцето да стане ресурс што граѓаните ќе можат меѓусебно да го споделуваат, а не само да го враќаат во мрежата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс