Search

Славица Јанешлиева: Сакам да ја потенцирам важноста на слободата на избор и толеранцијата меѓу нас

Деканката на ФЛУ, проф Д-р. Славица Јанешлиева е македонска претставничка на Венециското биенале на уметноста. На овој водечки светски настан кој истражува теми од политиката, современата уметност, архитектурата и општествени прашања, нашата Национална галерија е носител на проектот на Јанешлиева, со кој се претставуваме на јубилејното 60. издание на Биеналето кое веќе 120 години дефинира голем дел од светската култура, уметност, па и политика.
фото: Роберт Јанкулоски

Трн: Еднаш на перниците стави сон, а на креветот школки кои бодат и сечат. Може ли убаво да се сонува, на кревет од дојрански школки? Што сонуваш деновиве?

Славица: Поетично поставено прашање, и фино сте забележале, лиричноста често ја поврзуваат со моето творештво. Перниците кои ги поврзувате со сон се од делото „Небомантија“ (1999), а креветот од школки „Кревет на плачот“ е дел од „Крик“ (2003). И во „Крик“ има две перници, едната е мека но непријатна заради рачно извезениот ироничен цитат, а втората е бодликава и предизвикува болка. Често користам секојдневни и препознатливи предмети/елементи во творештвото. Перниците, покрај тоа што треба да се меки и сонливи, за мене се претстава за нешто што го допираме со главата, а од главата потекнуваат мислите. Ткаенината ја перцепирам како нешто што не обвива, како замена за кожата. „Небомантија“ е мој збор-кованица и игриво дело на препозавање и перцепција. А „Крик“ има сосема друга порака и во сржта зборува за болката на пронаоѓањето/непронаоѓањето на идентитет, фрустацијата да се биде нем посматрач и прашањето дали треба да остане така. Не може убаво да се сонува на кревет од дојрански школки, не може ни да се спие… токму тоа е и поентата на делото, да предизвика немир… иако естетски е примамливо. Ноќеска сонував дека ми се затнала канализацијата дома…хахах каков кошмар. Но, сега сериозно… имам многу соништа, сакам да ги наречам предизвици. Приватни и професионални. Некои се пореални од останатите. Но, јас сум идеалист и фантазер и сакам да поместувам/надминувам граници. Сонувам дека ќе доживеам уметноста и културата да си го вратат значајното место во општеството и ќе се наметнеме да негуваме и величиме вистински вредности.

Трн: Како Деканка на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје, комуницираш со младите и со новото во уметноста. Дали се приметува надоаѓање на нов – Нов бран и што тој ни носи како квалитет?

Славица: Деканството овозможува, заедно со тимот истомисленици, да вложиме максимални напори за подобрување на работните услови за студентите, наставниот кадар и службите на ФЛУ. Да ја зголемиме видливоста на активностите и современиот пристап кој го имаме во наставата. Да воспоставиме нови и ги продлабочиме постоечките вмрежувања со сличните институции во светот. Може да биде креативна, но сепак е административна функција која бара многу енергија и посветеност. На ФЛУ сум, како дел од наставниот кадар, од крајот на 2006 година. На нашиот факултет наставата во голем процент е практична и се работи со помали групи на студенти (за разлика од големите факултети кои главно имаат ex cathedra настава), па нормално комуникацијата е многу блиска и речиси секојдневна. Енергијата на младите е инспиративна.

Во секоја генерација студенти има по некоја ѕвездичка која со тек на време, ако истрае во суровата реалност на третманот на уметноста во општеството, ќе заблеска. Цел ни е да им помогнеме во истрајноста. „Новиот бран“ го потенцира експериментирањето и иновациите во творењето, употребувајќи неконвенционални техники, материјали и медиуми, што сметам дека е карактеристика на голем број успешни уметнички имиња и до сега. Единствено што е можеби ново за генерациите што следат е истенчувањето на границите кои постоеа меѓу ликовната уметност и стрипот, уличната уметност и онаа виртуелната -физички непостоечката уметност. Односно акцентирањето на фузијата на уметноста со дигиталното и технолошките иновации, имерсивноста и мултисензорното искуство што може да го доживее гледачот на повеќе нивоа. Наведеното заедно со постоечките теми за идентитет, политика, социјална правда, еднаквост, екологија и самоодржливост, новите генерации ќе се обидуваат (како и низа претходни) визуелно да го претстават и да предизвикаат размислување, емоции, понудат идеи за реализација и да поттикнат дијалог, како и да си отворат нови хоризонти за творештво.

Трн: Во периодот што следи, многу ќе слушаме, читаме и гледаме за Венциското биенале и за твоето дело „Inter spem et metum/Помеѓу надеж и страв“ кое ќе нè претставува таму. Која е мислата која Славица сака да ја сподели со светот преку овој проект?

Славица: Главната тема на Венециското биенале „Странци насекаде“ зададена од главниот куратор Адриано Педроса, беше објавена уште во јуни. Долго размислував како да и пристапам на темата. Како да ја „допрам“ макар минимално, а повторно да бидам своја. Првично постоеја неколку концепти кои низ прочистувања ги сведов во одбраниот проект Inter spem et metum. Ја користам приликава јавно да се заблагодарам до кураторката д-р Ана Франговска и директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова, за прифаќање на проектот за институционална апликација на конкурсот за Национален претставник на Венециското биенале 2024, објавен од Министерството за култура на РСМ.

Со Inter spem et metum, како и често до сега, сакам да бидам повеќеслојна низ визуелните претстави на метафори и симболи. Ги допирам темите на индентитет на лично и општо ниво, перцепција, припадност/неприпадност, слобода на избор, толеранција, стереотипи, надзор, миграција… преку сетилата за вид, допир и слух, а сакајќи да предизвикам чувства и мисловна реакција. Во суштина сакам да ја потенцирам важноста на слобода на избор и толеранција меѓу сите нас, што е возможно само со широки хоризонти.

Трн: Кои чувства и емоции сакате да предизвикаш кај посетителите со проектот на венециското биенале?

Славица: Самиот наслов кажува… чувство на надеж и страв. Спротивставени чувства. Чувства на припадност и неприпадност, мекост и цврстина, среќа и тага, видливост и невидливост… Проектот, ако го изведам како што е замислено (вклучува и скапи релативно нови визуелни-дигитални технички апарати), а тоа зависи нормално од финансиските средства, треба да изгледа многу едноставно и визуелно „чисто“, а да допре повеќе аспекти од животот, ангажирајќи ги сите сетила освен сетилото за вкус.

Трн: Зошто баш Грдото Пајче?

Славица: Често иницијација за развивање концепт влечам од книжевни дела. Според мене, Грдото пајче од Х.К. Андерсен (глобално познато) е првото четиво со кое се среќаваме во рана возраст, а носи длабока порака за неприфаќање, суровост кон различните, внатрешна борба и себеприфаќање, но и општо прифаќање при задоволување на општа и плитка норма – надворешна појава. Текот на приказната има своја динамика и развива низа нијанси на тага и задоволство. Но не е се врзано за Грдото пајче. Ликовните/визуелните дела имаат иста улога како и сите други уметнички дела (книга, музика, танц, драмско дело), да предизвикаат доживување.
Не постојат две исти личности. Сите сме различни. Различноста ни е подарена или постигната. Дали е добро да си различен/а?! Дали различен е еднакво на странец? Дали сум странец/странкиња само во друга држава или така можеби се чувствувам и дома?! Што е дома? Што ако пајчето останеше грд лебед? Како дрвените кутии кои се основа на многу мои дела да ги претставам во голем формат?… Грдото пајче беше појдовната мисла што ми нудеше многу можности за надоврзување… веќе споменатите спротивставености на среќа и тага или светло и темно или видливост и невидливост, птицата како симбол за слобода, пердувот како метафора за мекост, реченица од приказната извадена од својот контекст и ставена во контекст на мојата визуелна приказна, огледало – огледувањето како симбол за нарцис, за реалност, за сега или индивудуалност или цврста површина или пак метафора за интроспекција, перцепцијата и очекувањата од другите претставени низ камерата која пак го симболизира и надзорот во современиот живот, проекцијата… нема да ви раскажам се. Останува да почекате, за да го видите и доживеете Inter Spem et Metum и тогаш може повторно да разговараме.

Најново

Последни колумни