Изложбата „Скопски стрипосестри 2026“, која го афирмира женското творештво во деветтата уметност, ќе биде отворена вечерва, 14 септември, во 19 часот во малиот салон на галеријата „КО-РА“ во Скопје.
Пред публиката со свои дела ќе се претстават три авторки од современата домашна уметничка сцена: визуелните уметници Дона да Видра и Евгенија Трајковска, како и мултидисциплинарната уметница Ангела Петрушевска.
Изложбата е замислена како простор за претставување различни авторски пристапи кон стрипот и визуелното раскажување. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со творештвото на авторките, но и да разговараат за положбата и развојот на стрип-културата во земјава.
Проектен менаџер и промотор на изложбата е Томе Трајков, додека куратор е Иван Станчевски.
„Скопски стрипосестри 2026“ е заеднички проект на ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје и Здружението на стрип-автори и љубители на стрипот „Стрип центар – Стрипот може“ од Велес.
Организаторите ги повикуваат љубителите на уметноста и стрипот да присуствуваат на отворањето и да бидат дел од разговорот за креативниот израз и можностите што ги нуди деветтата уметност.