Шестото издание на Скопскиот поетски фестивал почнува вечерва во 20:00 часот во Младинскиот културен центар во Скопје, со настанот „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ!“. Фестивалот ќе се одржува до 9 мај во МКЦ и во „Буква“, а годинава ќе собере поети од Македонија, Кина, Хрватска, Словенија, Турција, Грција, Србија, Бугарија и Црна Гора.
Годинешното мото е „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ! (Поезија, политика, пропаганда…)“, со кое организаторите ја отвораат врската меѓу поезијата и општествените наративи што го обликуваат јавниот простор. Со ова издание фестивалот ја одбележува и 100-годишнината од раѓањето на Ален Гинзберг, еден од највлијателните поети на бит-генерацијата, чија поезија и денес се чита како отпор кон политички, културни и идеолошки притисоци.
Пред официјалното отворање, од 18:00 часот во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се одржи читачка промоција на поетската панорама „Техна и епистема“, посветена на поезија пишувана од млади автори. Изданието го објави „ПНВ Публикации“ по повод пет години од платформата „Отскочна даска“.
Вечерната програма ќе продолжи во 21:30 часот во киното „Фросина“ со поетско-музичкиот перформанс „Другиот не сум јас“ на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора. Автор на постерот за годинашното издание е Андреј Павлов.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, Традуки и Град Скопје, а во неговата реализација учествуваат Младинскиот културен центар, „Буква“, Хрватското друштво на писатели, фестивалот „Стихот во регионот“, Светскиот поетски фестивал Патра од Грција, „ПНВ Публикации“, „Култура Бета“ и хотел „Цара 1928“.