Рекорден број странски имиња: Што носи 45. Скопски џез фестивал?

Од среда започнува продажбата на билетите за концертите во Националната опера и балет, со изведувачи од 13 земји.

Скопскиот џез фестивал од 15 до 18 октомври 2026 година го одржува своето 45. издание во Националната опера и балет во Скопје, со рекорден број музичари од 13 земји. Организаторите најавија дека продажбата на билетите започнува во среда, нагласувајќи дека програмата останува доследна на современиот авторски израз и ексклузивноста, без компромиси и без обиди за додворување на масовната публика.

Годинашното издание на фестивалот носи изведувачи од 13 земји, при што речиси сите најавени концерти се целосно ексклузивни за скопската публика во овој есенски период. Организаторите нагласуваат дека фестивалот не гледа на ова издание како на формален јубилеј, туку како на продолжување на концептуалната линија насочена кон иднината на современиот џез.

Наместо улога на чувари на традицијата, фестивалот се фокусира на проширување на звучните граници.

Концертниот дел започнува на 15 октомври во Националната опера и балет со настапите на Zlatko Kaučič Kombo BC од Словенија во 20:00 часот и Leonhard Skorupa New Quispel Octet во 22:00 часот. Пополноќната програма добива нов просторен распоред и ќе се одвива на специјално подготвената Мала сцена во истиот објект, каде што првата вечер од полноќ настапуваат Pasquale Mirra и Hamid Drake.

Втората фестивалска вечер, на 16 октомври, носи три концерти поврзани со меѓународниот проект PUNKT. Настапуваат Eivind Aarset и Jan Bang од Норвешка, исландското дуо Skúli Sverrisson и Ólöf Arnalds, додека полноќниот термин е резервиран за ремикс во живо на Erik Honoré и Jan Bang.

На 17 октомври домашната сцена ја претставува Andrea Mirčeska Quintet со проектот „Lullaby for Lunatics“ од 20:00 часот. По нив следува настапот на Nduduzo Makhathini од Јужна Африка, а пополноќниот термин на Малата сцена им припаѓа на Alexander Hawkins и Sofia Jernberg.

Фестивалот завршува на 18 октомври со настапите на São Paulo Underground и францускиот состав Vincent Peirani Quintet. Покрај концертната програма, фестивалот најави прикажување на култно музичко документарно дело, детската работилница „Џез за деца“, како и визуелен идентитет изработен од ликовниот уметник Џоле Јовановиќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс