„Скопје Виа“ вечерва ќе ја разигра Старата битолска чаршија на „Локум фест“

Во рамки на 20. издание на Балканскиот етно фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“, вечерва во Битола ќе настапи составот „Скопје Виа“. Фестивалот од 16 до 18 јули носи богата програма што ја слави традицијата, мултикултурализмот и современите музички изрази.
Screenshot

Вториот и третиот фестивалски ден на „Локум фест – музика и традиција“ се одржуваат во автентичниот амбиент на Старата битолска чаршија, каде публиката ќе ужива во концертите на домашни и регионални музички изведувачи.

На 17 јули пред битолската публика ќе настапи „Скопје Виа“, етно акустичен состав кој се истакнува со препознатлив спој на џипси џез, балкански ритми и современ урбан звук. Бендот во изминатиот период привлече големо внимание на социјалните мрежи, а нивните настапи бележат сè поголем интерес кај публиката.

Минатата година групата ја објави својата прва авторска композиција „Под ова небо“, која комбинира театарска експресија и современ балкански музички израз. Составот го сочинуваат актерката Јана Стојановска како вокал, Мишел Трајковски на хармоника, Хилми Баки на виолина, Никола Петрушевски на кларинет, Влатко Пате на ударни инструменти, Кирил Златановски на контрабас, Ташко Грујоски и Васил Потиров на гитара.

„Локум фест – музика и традиција“ веќе две децении останува препознатлив по својата посветеност на традиционалната музика и јавниот културен простор. Фестивалот се реализира без естрадизација на програмата и претставува проект од национално значење, поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Битола, во рамки на манифестацијата „Бит фест 2026“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс