Џез-визионери, поп-икони, пионери на електронскиот звук и нови генерации визуелни автори ќе бидат во фокусот на 12. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“.
Фестивалот ќе се одржи на 26 и 27 јуни во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар во Скопје.
Во текот на две фестивалски вечери, публиката ќе може да проследи програма што ги спојува филмот и музиката преку приказни за уметници кои не само што создавале песни, туку ги менувале правилата, естетиката и начинот на кој се доживува современиот звук.
Централно место во овогодинешната програма има омажот на Мајлс Дејвис, по повод 100 години од раѓањето на еден од највлијателните музичари во историјата на џезот и современата музика.
Фестивалот ќе биде отворен со документарниот филм „Miles Davis: Birth of the Cool“, портрет на уметникот кој постојано ги поместуваше границите на џезот и одбиваше да остане заробен во сопствениот успех.
Преку архивски снимки, музика и сведоштва на неговите соработници, филмот го открива сложениот карактер, креативната енергија и големото влијание на Дејвис врз генерации музичари и слушатели.
Покрај филмот за Мајлс Дејвис, програмата носи и две филмски приказни за музички имиња што оставија длабока трага во поп-културата.
„Duran Duran: Behind the Music“ нуди поглед кон подемот, славата и трансформациите на еден од највлијателните поп-бендови на осумдесеттите години. Филмот ја следи нивната еволуција и приказната зад гламурот, визуелниот идентитет и светската популарност.
„Kraftwerk: Pop Art“, пак, е филмски портрет на германските визионери кои ја поставија основата на електронската музика. Нивната минималистичка естетика и иновативен пристап кон звукот го променија музичкиот пејзаж, а нивното влијание и денес се препознава во многу современи музички правци.
„Скопје Синема Сити“ и годинава ја продолжува поддршката за младите креативци. Свеченото отворање ќе биде збогатено со изложба на студенти од академијата „Бреинстер“, кои учествуваа во креативниот процес за подготовка на официјалниот визуелен идентитет на фестивалот.
Публиката ќе има можност да ги запознае младите македонски дизајнери и визуелни уметници чии идеи го најавуваат културниот јазик на новите генерации.
Авторка на официјалниот фестивалски постер за 12. издание на „Скопје Синема Сити“ е Јана Андреевска.
Во изминатите дванаесет години, „Скопје Синема Сити“ се етаблираше како редок фестивалски простор во земјава посветен на музичкиот документаризам, место каде што песните добиваат контекст, а големите музички имиња стануваат човечки приказни исполнети со страст, ризик, сомнежи и храброст.
Ова не е само фестивал за љубителите на музиката и филмот. Тоа е покана за сите што сакаат да откријат како настануваат културните пресврти, што се крие зад легендите и зошто добрата приказна секогаш наоѓа пат до својата публика.