Главниот град на Македонија влегува во подготовка за титулата Европска престолнина на културата (ЕПК) во 2028 година со речиси целосен колапс на киноприкажувачката инфраструктура, предупредија филмските работници на панел-дискусијата одржана на 24 август во рамките на фестивалот „МакеДокс“. За разлика од почетокот на деведесеттите години кога Скопје броеше 16 функционални киносали, денес над 600.000 жители се сведени речиси исклучиво на едно комерцијално мултиплекс кино каде мора да се прикажуваат и независните авторски филмови.
Учесници на дискусијата беа Звонко Наумоски – Шеф на операции, Фондација „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“; Билјана Лунга Филиповска – Советник за меѓународна соработка, евиденција и стратешко планирање во Агенцијата за филм на Република Северна Македонија; Маргарита Арсова – Уредничка на филмската програма, Младински културен центар (МКЦ); Дарко Набаков – Извршен директор на „МакеДокс“, а модераторка беше Марина Костова – Филмска критичарка и потпретседателка на светската организација на ФИПРЕСЦИ.
Дискусијата отвори разговор за актуелната состојба на киноприкажувачката инфраструктура во Скопје и за чекорите што треба да се преземат за таа да стане посилна, подостапна и поодржлива. Модераторката Марина Костова во својот вовед ги истакна радоста и посветеноста на претходните генерации кон одењето во кино.
- За жал, со текот на времето таа радост почна да се губи. Ние бевме сведоци и сега сме сведоци дека нашиот главен град, со над 600.000 жители, до почетокот на 90-тите години на минатиот век имаше 16 киносали, дури и специјализирано кино за деца и млади, а 35 години подоцна имаме само еден мултиплекс, комерцијално кино каде што мора да се прикажуваат и авторските филмови на нашите автори. Има и две киносали, во Кисела Вода и во Драчево, каде што повремено се прикажуваат филмови – посочи Костова.
Дискусијата на панелот таа ја насочи кон откривање нови идеи кои би помогнале во враќањето на кинокултурата во градот и во државата. Првото прашање беше упатено до Маргарита Арсова – Уредничка на филмската програма во МКЦ, која зборуваше за просторите што ги освоија со фестивалот „Синедејс“, но и за застојот во работата на двете киносали „Милениум“ во ГТЦ и „Фросина“ во МКЦ.
- Мене ми е тешко дури и да се потсетувам на сите тие настани заради емотивноста и приврзаноста кон сето тоа што порано се случувало. Ние свесно го извадивме „Синедејс“ во летна варијанта на отворени простори затоа што сакавме да имаме физичко издание во период кога сите затворени простори не можевме да ги користиме за време на ковид-пандемијата. Сакавме да ја имаме публиката присутна во живо и да не го изгубиме континуитетот на фестивалот. Губењето на кинопросторите, како „Милениум“ и „Фросина“, не можам да кажам дека е нешто друго, освен политичка одлука да се изгуби МКЦ како простор. Како што гледате, не само во однос на МКЦ, туку и културата во Македонија, воопшто, сѐ повеќе регресира, се пробува на сите начини да се укинат простори, да се укинат концепти, да се укинат колективни договори за да може полесно понатаму да функционираат останатите делови кои не се поврзани со критичката мисла и со јавноста. Затворањето на киносалите носи голема загуба за градот, за филмските работници, за спроведувањето на програмите што сакавме да ги пласираме како јавни политики за да заличиме на град кој ја доби титулата „Европска престолнина на културата“. Титулата ни беше дадена во 2023 година за да можеме да ги јакнеме капацитетите и тоа да кулминира во 2028 година, меѓутоа многу шанси се пропуштија. Сѐ додека работите зависат од политиката и од партизацијата тешко дека ќе можеме да одиме напред – рече Арсова.
Фестивалот „МакеДокс“ своите проекции ги одржува на отворени простори во Куршумли ан, Сули ан и на платото пред Музејот на Македонија. За принципот на откривање и опстојување на отворени простори зборуваше Дарко Набаков, Извршен директор на „МакеДокс“.
- Нашата цел е „МакеДокс“ да се прошири во повеќе простори во Старата чаршија. Куршумли ан е магичен простор и е симбол на фестивалот, но сите ние мораме да сме реални дека тој простор е навистина во незавидна состојба и еден ден ќе мора да се реставрира. Станува збор за споменик на културата кој со години не е реставриран и треба да дојде до тоа. Би било штета за фестивалот да остане без просторот и да биде оставен на милост и немилост на политиката без разбирање од властите. По 17 години мислам дека оставивме белег во градот во однос на прикажувањето документарни филмови и треба сите заедно да размислуваме како работите би се менувале во иднина. Знаеме дека состојбата е тешка. Многу тешко оди дијалогот со локалните и со државните власти. Нашата идеја е да се собереме на едно место и да почнеме работите да ги кажуваме гласно. На пример, Град Скопје веќе пет години не е поддржувач на „МакеДокс“. Фестивалот кој има голем број млада публика и кој полека станува симбол на градот не добива поддршка од самиот град. Тоа е небулоза во целото наше постоење. Оттаму се појавува целиот наш „креативен инает“ во организацијата на фестивалот, бидејќи најмногу енергија трошиме во договарање со државните институции. Многу е полесно да се договориме со партнерите од надвор и да донесеме стотина странски автори секоја година, отколку да се договориме со домашните институции – рече Набаков.
Фондацијата „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“ е основана од Град Скопје, но како правно лице е засебна и автономна. Фондацијата е основана со цел да ја реализира програмата на назначениот проект, чиј домаќин ќе биде Скопје во 2028 година.
- Филмот и киноприкажувањето треба да бидат едни од основните нишки во спроведувањето на програмата, меѓутоа „ЕПК Скопје 2028“ го нема мандатот институционално да ги решава проблемите со киноприкажувањето кои се таложеле во изминатите 30 години. Она што можеме да го направиме е со јавни повици да ги повикаме сите заинтересирани страни да аплицираат и да понудат одредени креативни решенија – објасни Звонко Наумоски – Шеф на операции, Фондација „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“.
Тој појасни дека Фондацијата е наменски формирана за реализацијата на „ЕПК Скопје 2028“ во јули 2026 година, а со Декларација веќе се дефинирани обврските на Владата и Град Скопје кон Фондацијата. Буџетот на проектот треба да биде околу 40 милиони евра, од кои 30 милиони се за програмата, а 10 милиони за логистичките потреби во реализацијата на програмата.
Претставничката на Агенцијата за филм, Билјана Лунга Филиповска, ги потврди изнесените факти дека киноприкажувачката состојба во Скопје е многу лоша. Според евиденцијата на податоци од филмската дејност што ја води Агенцијата, најголемиот концентриран кино-капацитет во градот е комерцијалното кино „Синеплекс“. Меѓу активните кино-простори во Скопје, потсети на значајната функција на киното во Кинотеката, додека во последниве две години и во Скопје веќе има еден модел кој се развива и, всушност, е кино-мрежа – „Киноверзум“.
- Кога зборуваме за воспоставување кино-мрежа, важно е да се потсетиме дека тоа не е модел кој треба да го измислуваме од почеток. Не зборуваме за идеја што никогаш не постоела. Скопје веќе имало култура на маалско кино – кино до кое се стигнувало пеш, кино во населбата, кино кое било дел од секојдневниот живот. Прашањето денес не е дали можеме да го замислиме тоа, туку дали можеме, со денешните услови и модели, повторно да создадеме една современа киномрежа и да ја вратиме публиката во локалните кина. Затоа, мислам дека во следниот чекор треба да формираме работна група која ќе ја мапира целата состојба во Скопје и земјата. Секако, дел од работната група треба да бидат задолжително и Министерството за култура, Министерството за образование, а со Бирото за развој на образованието, Агенцијата веќе има склучено меморандум за соработка – истакна Билјана Лунга Филиповска.
Како заклучок од панел-дискусијата може да се извлече дека проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ е одлична можност да не се размислува само за тоа што може да се направи во 2028 година, туку и што ќе остане по 2028 година. Кога станува збор за киноприкажувачката дејност, би било убаво наследството од овој процес да не бидат само неколку фестивали или привремени проекции, туку функционална киномрежа. За да се оствари такво нешто неопходно е да се искористи целиот креативен потенцијал на државните, локалните и независните продуценти од областа на културата и со заедничка работа и визија да се остварат заеднички договорените цели.