За „Скопје 2028“, 21 милион евра ќе се трошат без следење на Законот за јавни набавки

Одборот на Фондацијата сам ќе ги утврдува правилата за трошење на 21 милиони евра.

До Собранието денеска, по скратена постапка, е доставен предлог-закон со кој набавките на Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ се изземаат од Законот за јавни набавки. Проектот вреден 21 милион евра, од кои 95 отсто јавни средства, го раководи поранешниот директор на МРТ Марјан Цветковски, назначен во јуни од градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“ пропишува дека одредбите од Законот за јавните набавки не се применуваат за стоките, услугите и работите што ги набавува Фондацијата. Наместо тоа, набавките се спроведуваат според начела на транспарентност, економичност, ефикасност, еднаков третман и недискриминација, како и според интерни упатства што ги донесува Одборот на Фондацијата.

За секоја набавка, Одборот ќе формира посебна Комисија составена од пет члена. Претседателот и членовите можат да бидат ангажирани по договор на дело, а Комисијата смее да вклучи домашни или меѓународни експерти во подготовката и евалуацијата на понудите. Одборот одлучува по приговори во рок од пет дена од приемот. Планот за набавки го усвојува Одборот и се објавува на веб-страницата на Фондацијата, каде оди и секое идно интерно упатство.

Вкупниот буџет на проектот изнесува 21 милион евра. Од нив, 95 отсто доаѓаат од државниот буџет и од буџетот на Град Скопје, а 500.000 евра се средства од европските фондови. Фондацијата „Скопје Европска престолнина на културата“ ја формираше Град Скопје на 28 јануари годинава.

За директор на Фондацијата, во јуни е назначен Марјан Цветковски, кој претходно 15 години раководеше со Македонската радио телевизија. Одговарајќи на советничко прашање на седница на Советот на Град Скопје за начинот на кој е избран Цветковски, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски рече дека тој е „човек со сериозно искуство“ и дека е убеден „ќе даде одлични резултати“.

Град Скопје во февруари го отвори првиот конкурс за финансирање културно-уметнички проекти во рамки на „Скопје 2028“, со вкупен буџет од 300.000 евра и максимален грант од 50.000 евра по проект. До денес нема објавени резултати за тоа кои проекти се избрани и колку пари добиваат.

Скопје ја доби титулата Град на културата во Европа за 2028 во септември 2023 година, а ќе ја дели со Ческе Будејовице во Чешка и Бурж во Франција. Официјалната програма ќе се спроведува низ целата територија на градот, во сите десет општини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс