Биткоинот се искачи на највисоко ниво од јануари и проби 85.000 долари

Брзиот раст испразни позиции на трговците кои типуваа на пад, повлекувајќи нов бран ликвидации на криптопазарот.

Цената на биткоинот денеска го проби прагот од 85.000 долари, достигнувајќи ја највисоката вредност во последните осум месеци. Најголемата светска криптовалута претпладнево накратко се искачи над оваа психолошка граница првпат по крајот на јануари, по што се стабилизираше во распон меѓу 84.500 и 85.000 долари. Пазарниот скок претставува продолжување на остриот раст од викендот, кога вредноста тргна од петочните 76.000 долари.

Во само еден час тргување биткоинот забележа скок од приближно три проценти и ја надмина границата од 84.000 долари. Ваквото нагло придвижување предизвика таканаречен „шорт сквиз“ (short squeeze).

Инвеститорите што отворија позиции обложувајќи се на пад на цената беа принудени брзо да ги затвораат налозите. Тоа автоматски повлече засилено купување на спот-пазарот и дополнително го забрза нагорниот тренд. Според податоците на специјализираната платформа „КоинГлас“ (CoinGlass), само во тој кус бран беа ликвидирани околу 252 милиони долари во такви позиции.

Аналитичката куќа „Гласнод“ (Glassnode) деновиве предупреди дека токму во појасот меѓу 83.000 и 86.000 долари постои густа концентрација на позиции за пад, чие пробивање создава верижна реакција на принудно купување.

Паралелно со техничкиот притисок врз берзите, движењето на цената доби поддршка и од институционалните вложувачи.

Податоците за пазарот покажуваат дека американските спот-биткоин ETF фондови забележаа нов бран капитал. По две недели постојан одлив на средства, инвестициските фондови регистрираа нето-приливи поголеми од 300 милиони долари. Ваквото враќање на институционалниот интерес доаѓа непосредно пред претстојните одлуки за монетарната политика на американската централна банка (ФЕД), од каде пазарите очекуваат сигнали за натамошното движење на каматните стапки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс