Во Германија живеат најмногу луѓе во сиромаштија од 2020 година, покажуваат податоците на Паритетното здружение за социјална грижа, објави „Deutsche Welle“.
Според новиот извештај за сиромаштијата, стапката на лица изложени на ризик од сиромаштија во Германија пораснала од 2024 до 2025 година за 0,6 процентни поени и достигнала 16,1 процент од населението.
Извршниот директор на здружението, Јоахим Рок, ја опиша состојбата како „кризна“ и предупреди дека евентуални кратења на социјалните давања би можеле дополнително да ја влошат ситуацијата. Според него, особено загрижува тоа што стапката на сиромаштија значително расте втора година по ред.
Кој се смета за сиромашен во Германија?
Според дефиницијата на Европската Унија, лица во ризик од сиромаштија се оние кои располагаат со помалку од 60 проценти од средниот приход во земјата.
За самци, тој праг изнесува 1.446 евра нето месечно. За домаќинство со двајца возрасни и две деца помлади од 14 години, прагот е 3.036 евра месечно.
Паритетното здружение наведува дека станува збор за „тажен рекорд“, бидејќи во ниту една претходна година немало толку голем број лица погодени од сиромаштија.
Најпогодени се самохраните родители, самците и старите лица
Особено загрижува состојбата кај постарите лица. Според извештајот, речиси секоја петта личност постара од 65 години е погодена или изложена на ризик од сиромаштија.
Меѓу најпогодените групи се и лицата што живеат сами, со стапка од 30,3 проценти, самохраните родители со 28,9 проценти и лицата со ниско образование со 29,1 процент.
Авторите на извештајот оценуваат дека сиромаштијата најмногу расте таму каде што постојат структурни слабости, како ниско образование или ограничен пристап до пазарот на трудот. Според податоците, четири од пет погодени лица не се вработени.
Големи регионални разлики
Регионалните разлики во Германија се големи. Најниски стапки на сиромаштија имаат Баварија и Баден-Виртемберг, благодарение на нивната силна економска структура. Во Баварија стапката изнесува 12,6 проценти, а во Баден-Виртемберг 13,2 проценти.
Највисоки стапки се бележат во Бремен со 27,5 проценти, Саксонија-Анхалт со 21,3 проценти, Хамбург со 18,9 проценти и Берлин со 18,7 проценти.
Во западниот дел на Германија особено погодени се регионите Трир, Везер-Емс и Арнсберг, додека во источниот дел се издвојуваат Хемниц и Лајпциг.
Многу домаќинства не можат да ги покријат основните трошоци
Во многу домаќинства финансиската состојба е сериозно ограничена. Кај 6,9 проценти од населението, парите минатата година не биле доволни ниту за покривање на тековните трошоци.
Често не можеле да се платат зголемените сметки за струја и греење, а за дел од домаќинствата проблем било и купување основни апарати како нов фрижидер или шпорет.
Според извештајот, 70 проценти од лицата погодени од сиромаштија имаат германско државјанство, додека 30 проценти немаат.
Наодите повторно ја отвораат дебатата за социјалната политика во Германија, особено во период кога трошоците за живот растат, а дел од политичките актери бараат кратење на социјалните издатоци