Сирија денеска го доби првиот парламент по падот на режимот на поранешниот претседател Башар ал-Асад, што претставува нов чекор во политичката транзиција на земјата. Шефот на изборната комисија, Мохамед Таха ал-Ахмад, соопшти дека новиот парламент ќе брои 210 пратеници, а првата конститутивна седница е закажана за понеделник. На неа пратениците ќе положат свечена заклетва и ќе го изберат претседателот на парламентот.
Привремениот лидер Ахмад ал-Шара назначи 70 пратеници, меѓу кои и 15 жени. Со тоа, вкупниот број жени во новиот парламентарен состав достигна 22.
Парламентарните избори се одржуваа во повеќе фази. Првично гласањето не беше спроведено во јужната покраина Свеида, која беше под контрола на вооружени друски групи, како и во североисточните делови на земјата контролирани од курдските сили. По преземањето на контролата од страна на владините сили, изборите во североисточниот дел на земјата беа одржани во мај, додека за Свеида сè уште не е утврден датум за гласање. Сепак, двајца претставници од оваа покраина веќе се вклучени во новиот парламентарен состав.
Мандатот на парламентот ќе трае 30 месеци. Во тој период пратениците ќе работат на подготовка на нов изборен закон и ќе создадат услови за организирање идни парламентарни избори.
Сирија остана без парламент по офанзивата на бунтовничките сили во декември 2024 година, со која беше ставен крај на повеќедецениското владеење на семејството Асад. Новиот парламент се смета за еден од клучните чекори во обновата на државните институции и политичкиот систем на земјата.