Во рамки на манифестацијата „Скопско лето“, претставата „Сина сенка“ од американскиот автор Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, ќе биде изведена во петок, на 17 јули, во „Лабораториум“ во Скопје со почеток во 20:30 часот.
По скопската изведба, претставата ќе гостува на Меѓународниот театарски џез фестивал „Нишвил“ во Ниш на 9 август и на Меѓународниот фестивал на алтернативен театар „Корифеј“ во Колашин на 12 август.
„Сина сенка“ е прва македонска постановка на текстот на американскиот автор Брајан Рејнолдс. Претставата ги истражува современите општествени проблеми, насилството, манипулацијата со стравот, влијанието на медиумите и моќта на големите корпорации, поставувајќи прашања за улогата на поединецот во современиот систем.
„Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка“, вели режисерката Тамара Стојаноска.
Во претставата настапуваат Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ. Оригиналната музика е на Мајкл Хукер, новите аранжмани ги изработи Лука Тошев, преводот е на Сашо Огненовски, а продукцијата е на театар „Златен Елец“ од Скопје.
Проектот е финансиран од авторот Брајан Рејнолдс и Универзитетот во Калифорнија, Ирвин. Премиерата на претставата беше одржана минатата година во Младинскиот културен центар во Скопје.
Од театарот „Златен Елец“ најавуваат дека на крајот на август ќе реализираат и мини турнеја низ Македонија со претставата „Теорема, леме“, додека неодамна во Битола беше премиерно изведена и дуодрамата „Свињи“.