Збирката раскази „Ништо нормално“ од авторката Симона Јованоска утревечер (18 јуни) ќе биде промовирана во Битола. Настанот ќе се одржи со почеток во 19 часот во книга-барот „Пионерски“, а за книгата со авторката ќе разговара Сашо Огненовски.
По промоциите во Скопје, Гостивар и Куманово, ова е нова можност битолските читатели одблиску да се запознаат со најновото книжевно дело на Јованоска, кое од своето објавување во март годинава привлекува значително внимание кај публиката.
„Ништо нормално“ се издвојува по својот препознатлив стил, провокативен пристап и обработка на современи општествени теми. Во центарот на расказите се наоѓа обичниот човек и неговите секојдневни предизвици, претставени низ оригинални и впечатливи наративни решенија.
Симона Јованоска е родена во 1985 година во Гостивар. Основното и средното образование ги завршила во родниот град, а потоа дипломирала на Економскиот факултет во Скопје на насоката маркетинг.
Нејзиниот книжевен пат започнува во 2015 година со збирката раскази „Ги најдов во длабокото“, објавена во издание на „Или-Или“. Во 2019 година ја добива втората награда на конкурсот на „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“, а во 2022 година ја освојува првата награда за расказот „Кажи му на кучето“.
Посебно место во нејзиното творештво има романот „Денот на црвот“, кој беше прогласен за „Роман на годината“ од Фондацијата „Славко Јаневски“ и подоцна беше преведен на неколку јужнословенски јазици. Во меѓувреме ги објави и книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“, како и романот „Леска Брезоска“.
Со својата најнова книга „Ништо нормално“, Јованоска продолжува да отвора актуелни прашања и да ги истражува човечките односи низ препознатлив литературен израз, поради што интересот за нејзините промоции и средби со читателите останува голем.