Швајцарските глечери се топат побрзо од кога било, научниците предупредуваат на сериозна опасност

Екстремните топлотни бранови и недостигот од снег оваа зима драматично го забрзаа топењето на швајцарските глечери. Научниците предупредуваат дека годинава би можела да биде една од најлошите досега за алпскиот мраз.
Foto: EPA

Швајцарските глечери ова лето го губат снежниот покривач неколку недели порано од вообичаено, што значи дека мразот под него веќе е изложен на директно топење. Научниците предупредуваат дека ова е јасен знак за забрзано губење на глечерската маса, предизвикано од екстремните горештини што ја зафатија Европа и од значително помалите снежни врнежи во текот на зимата. 

Според експертите од швајцарската служба за мониторинг на глечери (GLAMOS), на 29 јуни бил достигнат таканаречениот „Ден на губење на глечерот“ (Glacier Loss Day). Тоа е моментот кога целосно се топи снегот што се наталожил во текот на зимата, а понатамошното топење директно ја намалува масата на глечерите. Оваа година тој ден пристигнал вторпат најрано во историјата на мерењата, веднаш зад рекордната 2022 година. 

Директорот на GLAMOS, Матијас Хус, предупредува дека ситуацијата е особено загрижувачка бидејќи пред глечерите претстојат уште неколку летни месеци со високи температури. На една мерна локација на глечерот Рона, за само две недели исчезнале околу 1,5 метри мраз, што е показател за исклучително брзото топење. За време на јунскиот топлотен бран, количината стопена вода од швајцарските глечери била толкава што можела да наполни олимписки базен на секои шест секунди во период од две недели. 

Последиците од климатските промени се сè повидливи и за посетителите на Алпите. Туристи кои со децении ги посетуваат швајцарските глечери велат дека промените се драматични и лесно забележливи со голо око. Научниците предупредуваат дека доколку продолжи сегашниот тренд на затоплување, голем дел од алпските глечери би можеле речиси целосно да исчезнат до крајот на векот, што ќе има сериозни последици врз водните ресурси, екосистемите и туризмот. 

Извор: indexhr.com

е-Трн да боцка во твојот инбокс