Партијата Алтернатива за Германија (АфД) освои 43,8 отсто од гласовите и оствари историска победа во источната германска покраина Саксонија-Анхалт. Со тоа освои 39 од вкупно 83 пратенички места во покраинскиот парламент, само три помалку од 42-те потребни за апсолутно мнозинство.
Победата повторно го отвори прашањето што би значело владеење на АфД, не само за покраината туку и за германската политика во целина.
Во германскиот федерален систем покраините имаат широки надлежности, меѓу другото, во образованието, внатрешната безбедност и културата. Нивните влади имаат и свои претставници во Бундесратот, горниот дом на германскиот парламент.
АфД своите планови ги претстави во изборната програма „Визија 2026“.
„Депортации од првата минута“
Една од главните точки на програмата е значително заострување на миграциската политика.
АфД најавува „депортации од првата минута“ доколку дојде на власт во Саксонија-Анхалт. Партијата сака да се депортира што е можно поголем број имигранти кои немаат дозвола за престој, а планира и посебна работна група за координирање и забрзување на депортациите.
Предвидува и значително построги правила за азил на сите нивоа, задолжителна работа за барателите на азил и укинување на државното финансирање за програмите за интеграција.
Финансиски бонуси за Германците што ќе се вратат од странство
АфД предлага финансиски поттик за малите и средните компании да воведуваат вештачка интелигенција и дигитализација, наместо да се потпираат на странски работници. Саксонија-Анхалт со години се соочува со недостиг од квалификувана работна сила, особено во секторот за нега и грижа за старите лица.
Наместо поголемо привлекување работници од странство, АфД сака да ги поттикне Германците кои живеат во други земји да се вратат во Германија.
За таа цел предлага „програма за враќање“, во рамки на која би постоел и таканаречен „бонус за повратници“, наменет за помош при обезбедување стан и место во градинка.
Поблиски односи со Русија и укинување на санкциите
АфД се залага и за поблиски односи со Русија и укинување на санкциите. Партијата сака на Украинците во Германија да им биде укинат статусот на воени бегалци сè додека војната главно се води во источниот дел на Украина. Според нејзината позиција, Украинците треба да бараат засолниште во западниот дел од земјата.
Покраините немаат речиси никакви надлежности во германската надворешна и одбранбена политика, но преку Бундесратот можат да влијаат врз политичките дебати. Затоа, покраински премиер од редовите на АфД би можел да внесе поинаков политички тон во Бундесратот.
АфД во својата програма повикува и на укинување на санкциите кон Русија, иако Саксонија-Анхалт би морала да ги почитува федералните одлуки. Партијата исто така сака да ја прошири наставата по руски јазик во училиштата и за таа цел да ангажира мајчини говорители на руски.
Посебни одделенија за децата на бегалците
Програмата предвидува и големи промени во образовниот систем. Децата на бегалците би биле сместени во одделни паралелки, со образложение дека на тој начин би им се испратило порака дека нивниот престој во Германија е само привремен, но и дека би се избегнале „различни стресови“ за другите ученици поради изложеноста на различни култури.
АфД предлага и децата со попреченост повторно да се образуваат во посебни училишта, наместо во исти училници со децата без попреченост. На училиштата би им било забрането истакнување знамиња со виножито, додека германското национално знаме би требало да се истакнува секојдневно. Учениците и наставниците би требало да ја пеат германската химна на училишните свечености.
Покраинската влада би ги „искористила сите правни можности“ за ограничување на исламските верски обичаи, вклучително и евентуална забрана на повикот за молитва и пропишување правила за изгледот и уредувањето на џамиите.
„Мисли германски“ наместо „мисли модерно“
АфД сака темелно да го промени училишниот курикулум и културната политика. Во наставата би имало поголем акцент на средновековните владетели и на значајни личности од германската историја во 19 век, меѓу кои и „железниот канцелар“ Ото фон Бизмарк.
Партијата предлага повторно да се дозволи домашно образование, кое во Германија долго време е забрането. Планира и промени во наставата по историја, со намалување на акцентот врз периодот на нацизмот, бидејќи смета дека на тој период му се посветува премногу внимание. АфД сака и да го реорганизира постојниот систем на јавниот радиодифузен сервис во покраината и да укине државно финансирање за дел од културните институции.
Културните содржини што партијата ги оценува како „антигермански“ би биле подложени на построги ограничувања. Партијата предлага и промена на промотивниот слоган на покраината – наместо „мисли модерно“, би стоело „мисли германски“.
Доброволни граѓански патроли
Во областа на безбедноста АфД предлага создавање дополнителна, доброволна полициска структура.
Според програмата, редовната полиција е „преоптоварена“ со задачата да ја гарантира безбедноста, па затоа партијата предлага „доброволни граѓански патроли“ како трет столб на локалната безбедносна структура.
Финансиски поттик за раѓање деца
За демографскиот проблем, АфД не гледа решение во привлекување поголем број имигранти, туку во поттикнување на германските граѓани да имаат повеќе деца. Партијата предлага финансиски мерки за поттикнување на наталитетот и агресивно промовирање на она што го дефинира како „традиционално“ семејство – мајка, татко и деца.
Во програмата се тврди и дека поголемото прифаќање на „сексуални девијации и нерепродуктивни животни стилови“ придонело за падот на наталитетот.
АфД исто така сака да го ограничи пристапот на децата и адолесцентите до блокатори на пубертетот и хормонски терапии поврзани со родовата транзиција, спротивставувајќи се на она што партијата го опишува како сè поизразен тренд на родова дисфорија.
Програмата на АфД, според тоа, опфаќа многу повеќе од миграциската политика, од образованието и културата, преку безбедноста и односите со Русија, до демографијата и семејната политика.